Отворена и искрена комуникација се основа на секој добар тим

44
naslovna
Елизабета Мирчевска, директор за човечки ресурси во Атлантик Група

Атлантик група е една од водечките прехранбени компании во регионот со познати брендови и сопствен диструбутивен систем. Во компанијата се вработени 4.500 луѓе. Седиштето на компанијата е во Загреб, а има претставништва во 11 земји и производни погони во Хрватска, Германија, Словенија, БиХ, Србија и Македонија.

Од неодамна сте назначени за менаџер за човечки ресурси во Атлантик Група во Македонија и во соседна Србија. Како сте задоволни досега, успевате ли да ги исполните вашите задачи и обврски на двата пазари, со оглед на тоа што се работи за координација на многу луѓе и процеси истовремено?

Во Атлантик Група се вработени вкупно 4.500 луѓе од 11 земји, кои ги поврзува заедничката желба за остварување на личните и компаниските цели. Сепак, луѓето се разликуваат по своите ставови, вредности, аспирации, способности, а резултатите и успешноста зависат од повеќе фактори. Клучната улога на човечките ресурси е во создавањето и одржувањето на флексибилна организација и висока ангажираност на вработените низ транспарентни процеси, како и осигурувањето дека потенцијалот на секој вработен е адекватно искористен. Па така, секторот на човечки ресурси е централна функција на поддршка во склоп на Корпоративните активности, а нашата улога во компанијата ја реализираме низ три главни области на работата – управување со селекцијата и регрутацијата, управување со учинок и системот на наградување, како и управување со личниот развој и развојот на кариерaта на вработените. Акцентот го ставаме на пружањето на врвна услуга на интерните клиенти и стратешкит придонес во унапредувањето на работењето, па затоа го применуваме моделот на бизнис партнерство. Ваквата организациона поставеност на секторот за човечки ресурси, како и централната функција на поддршка, е многу олеснувачки факт и за самата мене за да можам да ги извршувам раководните функции за двата пазари.

Можете ли од досегашното искуство да ни направите една паралела во однос на третманот на оваа професија во Македонија и Србија?

Сметам дека суштината е иста, барем што се однесува на мултинационална компанија како што е Атлантик Група, каде се воведени европски и светски стандарди за водење на вработените, настојувајќи да бидеме препознаени како еден од најатрактивните работодавачи во нашиот регион. Она по што особено се истакнуваме е пружањето на прилика за учење и развој, сигурност на работното место, лидерство во браншата и позитивен имиџ на компанијата. Со заедничкиот ентузијазам кон добрите резултати, нашите вработени создаваат динамично и креативно работно окружување во кое се негува тимската работа, се поттикнува и цени професионализмот, отвореноста и одговорноста кон поставените цели.

atlantic-grupa 1

Можете ли да направите споредба во однос на квалификуваноста на кадрите и нивното вреднување на овие два пазари?

Атлантик Група на секој од пазарите каде работи, има своја локална организација, каде имаме многу квалитетни вработени, од оние во производството, преку продажбата, маркетингот, до финансиите, корпоративните активности и менаџментот, бидејќи единствено на тој начин можете да градите еден сериозен бизнис. Веруваме дека компанијата ја сочинуваат вработените и затоа се трудиме да одбереме кандидати кои по своите знаења, квалификации и компетенции најмногу одговараат на позициите кои ги бараме, но подеднакво важно ни е и да ги одбереме оние кои заедно со нас можат да ги делат корпоративните вредности кои ги промовираме. Меѓутоа, и внатре во компанијата ние постојано ги разменуваме своите искуства, примерите за најдобра пракса и меѓусебно се доедуцираме. Тоа е основа на нашата синергија и предноста на Атлантик Група како регионална, односно мултинационална компанија, каде се уважуваат различните мислења. Отворената и искрената комуникација се основата на секој добар тим, а одговорноста се искажува низ постигнатите резултати и она чувство за припадност на компанијата кое го негуваме низ нашите корпоративни вредности. Успехот е воедно и нашиот најголем мотиватор, особено ако ја знаете својата улога и можете да растете заедно со компанијата. Тогаш, луѓето знаат кон што тежнеат. Значи, ние сме компанија во која се почитуваат и негуваат заедничките корпоративни вредности.

Кои се клучните способности кои треба да ги има секој оној што се занимава со човечки ресурси?

Како и во секоја професија, така и во човечки ресурси, би било добро луѓето да имаат лидерски способности. Важно е на некој начин да бидат визионери, да ги следат трендовите и да имаат слух за својата организација, но и опкружувањето во кое се наоѓаат. Околностите, како што е на пример светската економска криза, доста влијаат на правецот во кој се движи една компанија и затоа функцијата на човечки ресурси на чело со менаџерот за човечки ресурси треба да бидат партнери во сите одлуки кои се носат… Самомотивацијата и мотивацијата се многу важни, а она што е исто така важно за работата во човечките ресурси е мултифункционалноста. Тоа значи познавање на многу различни сегменти на работењето и процесите во компанијата, што не доведува и до најразличните сегменти кои може да ги изведува една служба за човечки ресурси – од кадровска служба, до пресметка на плати, заштита на здравјето при работа, селекција и регрутација, едукација, па управување со таленти, систем на мотивација и наградување, правата на работниците, различни типови на проценка, интерна комуникација, мерење на учинокот, организациона култура и клима, систем на компетенции… Секој кој работи во доменот на човечки ресурси е важно да може да комуницира со најразлични типови на личности, бидејќи тимот доаѓа во екстерен и интерен контакт со најразлични луѓе, па оваа комуникација носи различни видови на пријатни и непријатни предизвици и секако дека посебна вештина претставува успешно да се заврши работата во такво окружување. Да резимираме, потребни се различни компетенции заедно со оперативност и услужност, проактивност, доследност, интуитивност, способност за активно слушање на другите збогатено со креативност, иноватевност и конструктивен начин на размислување, бидејќи токму овие профили на луѓе во најголема мера придонесуваат за глобален развој на компаниите, што е и целта на нивното постоење.

Атлантик Група е позната по тоа што особено внимание посветува на грижата за вработените. По што се разликува корпортивната култура на Атлантик Група од онаа на останатите компании?

Elizabeta MirčevskaСлоганот Природно поинакви го претставува креативниот столб на корпоративните вредности на Атлантик Група – сонце, планина и бран – се симболи на страст, одговорност и креативност, па со самото тоа и нашето работење во сите деловни сегменти, кое порачува дека ние сме страствено посветени на развојот на исклучителни брендови, правејќи ги многу подостапни за нашите клиенти и потрошувачи, но исто така и дека нашата корпоративна култура ги поддржува и промовира принципите на одржливиот развој: економската ефикасност, природните и општествените одговорности. Се трудиме со лични примери да покажеме дека одговорноста, страста и креативноста – нашите вистински корпоративни вредности покажуваат добри резултати, а добрите резултати и успеси секако се најголема мотивација за нови вложувања. Исто така, ние се обидуваме, секогаш кога тоа е можно, заедно да ги прославуваме своите успеси и да им се радуваме, бидејќи пофалбите и признанијата, кои си ги укажуваме едни на други се всушност магичната формула за да се издржи на патот до успехот.

Вработените во Атлантик Група секоја година го обележуваат Денот на вредноста. Како е замислен овој ден и дали и оваа година е планирано негово обележување?

Основата на општествено одговорното работење се состои во тоа секоја компанија да стане свесна за важноста и потребите на сопственото влијание на унапредувањето на општите општествени услови, промоцијата на вистинските вредности и конечно, потребата дел од својот профит да го врати назад во заедницата. Токму затоа, Атлантик Група како дел од поширокото општество во кое функционира, бидејќи работи во 11 земји во регионот, систематски настојува своето стратешко определување за општествено одговорно работење во сите негови сегменти да го прилагоди на регионалните услови и потребите на земјите во кои работи и да го оствари низ сите членки на Групата.

Така, во рамките на промоцијата на нашите корпораративни вредности е осмислен и Денот на вредности – кога еден работен ден во текот на годината го посветуваме на општествено корисна работа и со тоа ги потсетуваме нашите вработени дека нашата работа се состои и од она дополнително задоволство кога ќе направиме нешто убаво и корисно за средината во која живееме и работиме. Тоа е сега веќе традиционална активност која е планирана и за оваа година во месец мај, кога на основа на предлозите на вработените во секоја од земјите ќе организираме заеднички активности посветени на различни сегменти на општествено-социјалното ангажирање во заедниците во кои дејствуваме. Минатата година вработените на вистински начин ги демонстрираа своите определби, па така повеќе од илјада вработени и надворешни партнери во експозитурите ширум регионот, од Велика Британија, Италија, Германија, Шпанија, Русија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија, го посветија својот личен ангажман на општествено корисна работа во заедницата во која дејствуваат. Активностите беа различни од земја до земја, па така одредени волонтерски тимови ги посетија децата со посебни социјални потреби, пензионерите домови, помага во работата на невладините организации или институции, ги расчистуваа дивите депонии од отпад и слично…