Четириесет и второто издание на Меѓународниот саем Технома 2016, 17-от меѓународен саем за занаетчиство и мало стопанство, 36 меѓународна изложба на иновации Макино, 4-от меѓународен саем на транспорт, логистика, инфраструктура и телекомуникации Транспорт и логистика и новиот саем за стартапи Техноинвент 2016, денеска беа свечено отворени.
“Технома 2016, истовремено со 4-от меѓународен саем за транспорт и логистика, неделава претставуваат најголем настан во нашата држава, настан на бизнис заедницата, високообразовните и научно – истражувачки институции, коморите, кластерите да формираат и продлабочат долготрајни соработки за профитабилни и конкурентни производи и услуги и инструмент за комерцијализација на иновациите за трансфер на технологиите со цел поголемо влијание врз секторот и економијата во целост.“ рече извршниот директор на Скопски Саем, Даниела Глигоровска.
Таа додаде дека добрата промоција и одличниот прием кај деловната публика е клучот за успехот и растот на секоја фирма која изложува директно или индиректно на оваа саемска манифестација.
“Целта на оваа програма е да ги охрабри сите оние кои имаат идеја и желба да започнат сопствен бизнис, а која се уште не ја реализирале, особено младите и студентите кои ги завршиле своите студии и сакаат да започнат сопствен бизнис или да основаат своја старт – ап компанија, а од друга страна да им дадеме поддршка на оние индивидуи и претприемачи кои веќе се охрабриле да ги реализираат своите иновативни решенија и кои во идниот период се посветиле на раст на своите бизниси“, рече Јасмина Поповска, директорка на Фондот за иновации и технолошки развој.
На свеченото отворање на саемот се обрати и амбасадорот на Република Унгарија во Македонија, Ласло Иштван Дукс, кој рече дека присуството на повеќе унгарски фирми на саемот е можност да се зајакне економската соработка меѓу двете држави.
Меѓународниот саем Технома е важен промотор на развојот на индустриското стопанство во регионот, па поради тоа со самите новитети кои секоја година овој саем ги прикажува, граѓаните сè повеќе се интересираат и го посетуваат.
Според најавите се очекуваат повеќе од 25.000 посетители.