Во вториот квартал од 2024 година, ЕУ увезла вкупно 177,9 милиони тони енергенси во вредност од 94,9 милијарди евра, што претставува намалување по количество во однос на истиот период лани за 9,7 отсто и по вредност за 10,7 проценти.
Според податоците на Европската статистичка служба – Евростат, увезените количества на природен гас во второто овогодишно тримесечје се намалени за 9,5 отсто на годишно ниво, а нивната вкупна вредност бележи пад од 31,4 отсто.
Намалување во истиот период се бележи и при увозот на течен гас и тоа за 20,2 отсто според количество и за 41,2 проценти по вредност.
Благ раст на годишно ниво е регистриран во вредноста на увезените нафта и нафтени деривати и тоа за 5,6 отсто, иако во нивниот обем има намалување за 2,2 проценти.
Најголем дел од увезениот природен гас во ЕУ во вториот квартал од годинава или 43,5 отсто потекнувал од Норвешка, по што следуваат Алжир со 21,6 проценти и Русија со 15,5 отсто.
Кога станува збор за течниот гас, 46 проценти бил увезен од САД, по што следуваат Русија со 16,8 и Катар со 11,9 отсто.
САД се главен извозник на нафта и нафтени деривати во ЕУ со удел од 15,1 проценти, пред Норвешка со 14,1 и Казахстан со 11,7 проценти.