Паметните трактори ги следат стапките на Apple

80

Паметните трактори не се нови во земјоделството – тие можат автономно да се движат по одредени рути за сеење, прскање и жнеење без човечка интервенција. Сепак, се повеќе производители одлучуваат да го комбинираат својот врвен хардвер со софтвер и модели за претплата за да го стимулираат растот на приходите.

„Колку повеќе технологија можеме да развиеме за да им овозможиме на земјоделците да ја направат својата земја попродуктивна без да треба да трошат толку многу пари на ѓубрива и суровини, толку подобро за сите“, изјави Џулијан Санчез за Ројтерс, Директор на Одделот за нови технологии на Deere & Co, еден од најголемите светски производители на трактори и развивач на паметни технологии за земјоделство.

Инвестициите во автоматизација во земјоделска опрема допрва треба да добијат импулс за Deere и за конкурентите како што се AGCO и CNH Industrial. Веќе неколку години земјоделството страда од намалената работна сила. Сега геополитичката ситуација ја комплицира сликата со изгледите за криза со храна.

Поради воениот конфликт на територијата на Украина и зголемената суша во многу клучни земји-производители на жито, овогодинешниот пазар е „подложен на земјотреси“, обележан со зголемените цени на житото и земјоделските суровини. Со ова се повикуваат се повеќе земјоделци да се борат за зголемување на приносите, а сепак да ја ограничат употребата на ѓубрива и пестициди.

Од своја страна, целокупната слика ги турка производителите на земјоделски машини по патот на Apple: хардвер плус софтвер плус услуги за претплата. На пример, компаниите како Deere сè повеќе ги нудат своите трактори со претплата за автономни функции – по моделот „како услуга“.

Ова треба да им помогне на производителите да генерираат „повторливи приходи“. Ваквиот „повторувачки модел“ може да биде економски поволен за производителите на тешки машини, особено сега кога станува збор не само за автономијата на тракторите, туку и за собирање и обработка и анализа на податоци. Производителите постепено стануваат повеќе од само добавувачи на опрема – нивните модели за претплата или лизинг можат да донесат повисоки маржи.