Пазарот на осигурување во Македонија има потенцијал за раст

109

Black umbrella covers home, car and money

Во Стопанската комора на Македонија денеска беа презентирани предности и предизвици на осигурителниот пазар во Република Македонија. Претседателот на Здружението на осигурување при Стопанската комора на Македонија, Ило Ристовски посочи дека во годината која измина продолжува растот на бруто полисираната премија, а значајно е да се истакне дека продолжува трендот на двоцифрен раст на премијата за животно осигурување што е индикатор дека полека но, сигурно се развива овој значаен дел од осигурителниот бизнис, стои на официјалната интернет страница на Комората.

Порастот на бројот на склучени договори, односно бројот на продадени полиси расте со стапка која е двојно поголема од стапката на раст на брутополисираната премија, односно може да се заклучи дека просечниот износ на полисирана премија во 2014 во однос на 2012 година е помал за 5,4%. Фактот дека просечната премија по склучен договор за осигурување е намалена како и бројот на компаниите кои работат на македонскиот пазар е сигурен показател дека македонскиот осигурителниот пазар е конкурентен, односно осигурениците во 2014 година купувале полиси за осигурување во просек за 5,4% поевтино во однос на 2012 година, односно 2,11% поевтино во однос на 2013 година.

Во делот на животното осигурување, покрај позитивните стапки на раст на полисираната премија и бројот на склучени договори, позитивен раст има и просечната премија по склучен договор. Просечната премија за животно осигурување во 2014 година е повисока за 17,41% во однос на просечната премија во 2012 година односно 6,91% во однос на 2013 година. Податокот за зголемената просечна премија за осигурување живот укажува на поголемата доверба на осигурениците во животното осигурување.

Доминантен осигурителен продукт е осигурувањето од Автомобилска одговорност со износ на полисирана премија од 3.542.856.000 денари и 52,56% учество во полисираната премија на неживотните осигурувања, а доколку се додаде премијата за каско осигурување, учеството на моторните осигурувања е 62,79% во полисираната премија за неживотни осигурувања. Просечната премија за класа 10 во 2014 година е за 3,03% помала во однос на 2012 година, односно 0,4% во однос на 2013 година.

“И покрај добрите трендови на раст може да констатираме дека македонскиот осигурителен пазар сè уште е неразвиен и како што напоменав е ориентиран кон моторните осигурителни продукти. Пазарот на осигурување во Република Македонија има огромен потенцијал за развој, а како показател за овој потенцијал би ги навел износите на полисирана премија по глава на жител во Македонија и опкружувањето. Премијата по жител во Македонија се движи околу 60 евра, Албанија 45 евра, Србија 90 евра, Бугарија 100 евра, Хрватска 300 евра, а европски просек е околу 2.000 евра“, посочи Ристовски.