Координацијата на трите синдикати на авиопревозникот Кроација ерлајнс најави дека утре, на 14 мај започнува штрајк на вработените во компанијата и дека ќе се штрајкува до исполнување на барањата од кои најважно е задржување на стекнатите права од колективниот договор од минатата година.
Од Кроација ерлајнс известија дека најавениот штрајк значи само делумно пореметување на сообраќајот и дека повеќето патници ќе бидат пренесени според редот на летање со авиони на оваа компанија, а останатиот дел со авиони на партнерски компании, односно со изнајмени авиони.
Штрајкот треба да започне во шест часот наутро, најави претседателот на хрватскиот синдикат на пилоти, Зоран Билиќ.
На интернет страната на компанијата, денес во 15 часот треба да биде објавена листа на откажаните летови за време на штрајкот. Сите патници кои резервирале или купиле билет за некој од летовите за време на штрајкот, ќе можат да го заменат без надоместок. Покрај тоа, постои и можност за враќање на парите за купениот билет.
Управата на Кроација ерлајнс минатата недела покрена постапка за откажување на договорите за работа на 42 членови на кабинскиот персонал. Во рок од 48 часа, на боледување на 1 мај заминаа 48 членови од персоналот, поради што компанијата мораше неколку дена да откажува летови, со што се направија дополнителни финансиски загуби.