Пет начини да се мотивираат и задржат вработените

203

motivacija

Фото: Pixabay

Што најмногу придонесува за мотивираноста кај вработените? Покрај финансиите има уште четири клучни работи на коишто треба да се внимава ако сакате да го задржите вашиот тим во компанијата.

Поврзаност

Според едно истражување, само 40% од вработените се запознаени со целите, стратегијата и тактиките на компанијата во која работат. Вработените сакаат да знаат дека нивниот труд се вреднува, а уште повеќе како тие придонесуваат за компанијата. Еден од најдобрите начини за да се мотивираат вработените е да се запознаат со “големата слика”, со тоа што вие се обидувате да го постигнете и зошто сакате тоа да го направите. Во меѓувреме трудете се да им ја дадете потребната поддршка и помош кога ќе им биде потребна. Секој човек има талент, треба само да го насочите во вистинската насока.

Финансиски стимулации

Според истражувањата, дури 89% од компаниите што користеле финансиски средства за да ги мотивираат вработените добиле позитивни критики, а корпоративните поттикнувачки програми помогнале да останат 66% од вработените во своите компании. Со други зборови – ако можете да воспоставите добра корелација помеѓу нивната банкарска сметка и успехот, талентите нема да ве остават.

Почит и создавање на професионалец

Почитта е многу важна на работното место, дури повеќе од допадливоста која може да придонесе луѓето да негуваат несериозен став кон вас. Успехот и допадливоста не одат секогаш заедно, особено кога треба да ги менаџирате вработените на кои вие сте им претпоставен/а. Многу е важно да се воспостави една професионална комуникација помеѓу вас. Тоа е добар начин да им кажете дека вие напорно работите и дека истото го очекувате и од нив. Вработените сакаат да почувствуваат дека се значаен дел од нешто поголемо.

Позитивен фидбек

Дури 88% од вработените што биле анкетирани во едно истражување, се изјасниле дека позитивниот фидбек и пофалните зборови од менаџерите значително придонеле за мотивацијата. Голем број од нив добивале фидбек секоја недела. Ова само го потврдува фактот дека вработените треба да се пофалат кога нешто добро ќе сработат и истото да влезе во пракса кај претпоставените.

Заобиколете ги ситниците

Секогаш ќе постојат мали грешки, ситници што ќе ве нервираат. Вистинскиот предизвик е да успеете да ги заобиколите. Во случајов треба внимателно да ги одбирате вашите “битки”. Ако се одлучите да трошите енергија на секој погрешно направен чекор, вработените ќе помислат дека се микроменаџирани, а тоа сигурно не оди во прилог на мотивацијата.