Пет прашања што треба да ги одговорите пред да одберете бизнис партнер

105

Во бизнисот доаѓа време кога треба да се одбере бизнис партнер. Тоа е голем чекор, па затоа потребно е да ги разгледате сите аспекти пред да одлучите.

За да не направите грешка, обидете се да одговорите на овие пет прашања.

Дали ја има истата желба за бизнисот како мене?

Патот до успехот нема да биде лесен, па затоа ви треба личност која ќе ја има истата страст за бизнисот како и вие. Заедничкиот ентузијазам поттикнува амбиција, којашто пак води до успех. Прашајте ги потенцијалните партнери што ги возбудува во врска со вашата идеја, што очекуваат од партнерството и каде ја гледаат компанијата за неколку години.

Дали ќе се спротивстави кога ќе мисли дека грешам?

Во текот на работењето ќе се случи да грешите, а тогаш ќе ви треба партнер кој ќе умее да ви укаже на тоа, да се спротивстави и да го каже своето мислење. Доколку партнерот нема свое јас и се согласува на секое ваше мислење, исходот може да биде неуспешен.

Колку може да “даде“ за бизнисот?

Не станува збор само за поделени финансии, туку и за поделен труд, ресурси, време, контакти. Вашиот партнер треба да биде тука за бизнисот, затоа отворено разговарајте со кандидатите колку и како можат да придонесат за компанијата.

Дали ќе си одговараме како бизнис партнери?

Не помалку важно е да ви се допадне енергијата, карактерните особини, начинот на којшто работи партнерот и слично. Пред сè, треба да ви биде пријатно во негово друштво и да се компатибилни. Со него/неа ќе треба да поминете долго време, па затоа многу е важна меѓусебната хемија.

Дали ќе се надополнуваме?

Одбирањето на бизнис партнер треба да биде паметна одлука. Размислувајте во насока што ви треба најмногу, во кое поле не сте доволно добри и одберете ја “опцијата“ што ќе ве надополнува. Ако бројките не се ваша јака страна, најдете партнер кој е вешт во тоа и слично. Бизнисот треба да биде комплетна услуга, а тоа ќе го постигнете доколку ги комбинирате вашите вештини и знаења со тие на бизнис партнерот.

Фото: Pixabay