Пет зборови што не треба да ги користите на интервју за работа

103

opis

Фото: Pixabay

Многу често на интервјуата за работа се поставува прашањето “Како би се опишале себе си?”. Одговорите се неретко проследени со слични епитети со цел кандидатите да се прикажат во најдобро светло. Сепак, експертите советуваат да бидеме внимателни со изборот на зборовите.

Еве кои пет придавки не треба да се употребуваат кога се опишувате себе си.

Интелигентен/на

Оваа особина никој не ви ја оспорува. Штом веќе сте повикани на интервјуто, тоа се подрзабира. Затоа воздржете се од употреба на овој збор. Интелигентен/на е придавка што другите треба да ја кажат за вас, а не вие самите.

Наместо тоа…

Зборувајте за начинот на кој размислувате. На пример “размислувам логички, брзо учам, ја гледам големата слика” и слично. Бирајте зборови што звучат како факти, наместо ставови.

Допадлив/а

Од истата причина треба да го одбегнувате и овој збор. Освен тоа малку е сложено да најдете добар пример за поткрепа на допадливоста, а да не звучите смешно и помалку очајно.

Наместо тоа…

Тимски играч, ентузијаст, грижлив/а, пријателски расположен/а се само неколку варијанти што може да ги користите во овој случај и притоа полесно да презентирате докази.

Успешен/на

Можете успешно да изведете или да направите нешто. Не можете туку така да кажете за себе дека сте успешни. Исто би било кога би се опишале како богат/а и згоден/на.

Наместо тоа…

Ако навистина сте успешни во нешто, прецизирајте што е тоа и како истото сте го направиле/создале и слично. Всушност и треба да ги истакнете вашите јаки особини, но внимавајте тоа да биде поткрепено со факти.

Страствен/а

Дури и ако сте навистина полни со страст за професијата, не го користете овој збор. Може да се случи и погрешно да бидете протолкувани од страна на тој/таа што ве интервјуира.

Наместо тоа…

Подобро би било да користите зборови од типот на фокусиран/а, ориентиран/а кон детали, вреден/на, посветен/на.

Скромен/на

Малку чудно звучи кога се опишувате себе си како скромна личност, особено кога сте на интервју за работа. Не се вовлекувајте во ова контрадиктирно објаснување.

Наместо тоа…

Ако навистина сакате да се опишете со овој збор, одберете малку поинаква стратегија – дела наместо зборови. Секој пат кога ќе треба да се “пофалите” за вашите особини и достигнувања, презентирајте ги само фактите. Кажете што сте направиле, какви биле резултатите и што другите мислеле за тоа. Така ќе оставите судот за вас да го донесат тие што го вршат интервјуто.