Петтиот пакет е готов, има неколку детали да се додефинираат и се објавува. Ќе има државна помош, а наместо исплата на плати, ќе има бескаматни кредити за компаниите со грејс период од 12 месеци и период на отплата од три години, изјави вчера министерот за економија Бектеши во Click Plus на ТВ21.
“Директна помош, како што се субвенции за плати, вкупно шест месеци во годината, Владата исплати средства за субвенции за плати за компаниите, преку МБПР доделивме евтини кредити за микро и мали претпријатија. Петтиот пакет ќе биде во иста насока, ќе помогнеме на сите. Се консултиравме со сите стопански комори, има консензус“, потенцираше Бектеши.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи смета дека до крајот на месецов ќе бидат објавени оперативните мерките од петтиот пакет за економска помош на стопанството и граѓаните за справување со последиците од ковид кризата.
“До крајот на неделава сакаме да ја затвориме дискусијата со нашите партнери за тоа што е прифатливо, а што не. Со нив не преговараме, туку заеднички се консултираме за да донесеме заеднички решенија и заедно да имаме придобивка од нив“, рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
“Во петтиот пакет преовладуваат два концепта за поддршка на плати. Едниот е тој што го имавме, а другиот е таму каде имаат пад на приходите да понудиме нов модел, а тоа е да понудиме преку Развојната банка финансиска поддршка преку кредити коишто имаат нула интерес, што значи дека каматата ја субвенционира државата. Ние и претходно сме немале субвенции за плати, туку сме имале финансиска поддршка за плати. Со тоа правевме еден вид на кредитирање на стопанството за платите на работниците при што им кажувавме кои се условите за дел од помошта или целата да стане неповратна. Никогаш оваа Влада не кажала дека нема да има поддршка за стопанството, туку дека ќе продолжи зашто тие се генератор на развојот, дека работниците ни се битни, човечкиот капитал во државата ни е битен”, рече Битиќи во емисијата 24 анализа.
Фото: Freepik