Pick-a-Gift го решава проблемот што го има секој од нас, кога не знаеме што да подариме некому

611

Mесецов се одржа Стартап Викенд Скопје, 54-часовен настан којшто ги обединува претприемачите, иноваторите, старт – ап ентузијастите и креативците со цел за време на само еден викенд, тимски да направат победничко бизнис решение. Настанот беше поддржан од страна на девет ментори – експерти од регионот, кои доброволно одвоија време и им помогнаа на учесниците да ги развијат своите идеи во правилната насока.

Првото место го освои Pick-a-Gift – онлајн шопинг платформа за подароци каде славеникот сам може да си го избере подарокот без да ги гледа цените, а Бизнис Инфо разговараше со креаторите на оваа идеја.

Бизнис Инфо: Kажете ни повеќе за онлајн шопинг платформа за подароци и како ќе функционира?

Pick а Gift е web платформa за самостоен избор на подароци. Работи многу едноставно и целосно online. Kупувачот плаќа за код во одредена вредност кој се испраќа по e-mail или SMS. Тој што го добива има можност сам да го избере својот подарок од широка палета на производи и услуги, без притоа да ја знае вредноста на истите.

Платформата е наменета пред сѐ за правни, но и за физички лица.

Бизнис Инфо: Зошто се решивте да креирате токму ваква платформа? Што е предноста на вашето решение?

Идејата на ваква платформа е решавање на проблемот што го има секој од нас, кога не знаеме што да подариме некому или, пак, кога ние добиваме подарок што воопшто не ни се допаѓа. Нашите истражувања покажаа дека дури 63% од испитаниците добиле подарок што воопшто не го користат.

Притоа, не сме ограничени на една продавница, по принцип на ваучери, туку преку соработка со многу партнери, ќе овозможиме избор на различни производи и услуги од повеќе категории. Дури и ако некој не го пронајде тоа што го посакува, веројатно ќе може да креира wish листа и ние ќе се обидеме да го испорачаме.

Она што е најважно, кај нас вредноста на подарокот не е видлива. На овој начин сакаме да го усовршиме начинот на покажување внимание преку подарување. Не сакаме да се фокусираме на цената на производите или услугите, туку на целта поради која се подаруваат. Веруваме дека ова е навистина уметност на некој начин и имаме многу идеи во однос на избор на производи, но и начин на достава. Едноставно, сакаме да креираме посебни доживувања за нашите корисници. Можеби и со крајна цел, да се намали конзумеризмот во одредена мера, што сѐ повеќе се наметнува во секојдневното живеење.

Секако, тоа што се се одвива online е дополнителна придобивка, посебно во време на пандемија.

Бизнис Инфо: Кој е вклучен во тимот на Pick-a-Gift?

Главната идеја потекнува од Васка Ѓоргиева, која во своето работно искуство многу пати има воочено потреба од ваква платформа, најмногу од позиција на HR и Административен асистент кој секогаш е задолжен за одбирање соодветни подароци за голем број вработени. Реално, целиот концепт веќе го има искусено и најдобро знае како да воспостави контакт со потенцијалните корисници и партнери.

Дел од тимот се и Александар Ѓоргиев, кој работи како проект менаџер во GPS компанија, го осмисли предлог дизајнот и подоцна би се вклучил во креирање на web платформата, поставување на системи за плаќање и следење на подароците, како и Марија Влашчева која беше во улога на тим лидер поради своето искуство како проект менаџер во успешна македонска startup компанија која работи и на светски пазар. По самото претставување на идеите, кон тимот се приклучи и Маја Славевa, која работи ПР и маркетинг комуникации. За комплетен развој на платформата на тимот во прво време ќе приклучиме и членови за програмирање и дизајн, а понатаму и агенти за грижа на корисници и соработка со партнери.

Бизнис Инфо: И годинава Startup Weekend Skopje се одржа онлајн. Како се одвиваше целиот виртуелен настан и со какво искуство се стекнавте?

Целокупно настанот беше супер организиран и затоа би сакале уште еднаш да им се заблагодариме на организаторите, но и на менторите и судиите. На секоја побарана асистенција, организаторите и менторите несебично се појавуваа во рок од неколку секунди.

Единствено што недостига кај ваков тип на настан кога е организиран online е што не можевме да се дружиме со секој од учесниците во живо и да се види атмосферата директно од таму. Сепак, успеавме да креираме пријателства и можни соработки за во иднина, затоа што имаше навистина вредни и креативни учесници. Од друга страна, пак, имаше многу бенефиции како: работа на проектот од каде и да посакаш (имаше учесници и од странство), си ја имаш работната атмосфера од каде си најпродуктивен, во ниеден случај никој не ти е недостапен и веднаш може да се организира сесија без да се чека нечие лично присуство.

Ние искрено веруваме дека беше многу позитивно искуство за сите учесници и за релативно краток период сите направија одлични и прогресивни концепт идеи. Во иднина на секој кој што размислува дали да се пријави за учество препорачуваме да го направи тоа, бидејќи забавата и добрата енергија е загарантирана! Дополнително, се добиваат многу корисни совети за развој на концептот од идеја до реален бизнис, без разлика дали сте победник или не.

Бизнис Инфо: Кои се вашите планови за во иднина?

Моментално работиме на целосно комплетирање на идејата од секој аспект, што значи изработка на комплетен бизнис план и модел, логистика, тесен и прецизен таргет на корисници, финансиски и правни аспекти и слично. Потоа продолжуваме кон формирање тим за доработка на платформата. Благодарение на освоеното прво место добивме прекрасна поддршка во неколку различни сфери кои што ќе ни бидат добредојдени за почеток. Ние сме целосно посветени на реализација на нашата идеја во реален и практичен продукт и веруваме дека истиот ќе биде одлично прифатен на пазарот. Секако, ќе ве информираме и вас за почетокот со работа 🙂

Фото: Freepik