По 25 години: Работниците на Хајнекен ќе штрајкуваат

95

Работниците на пиварницата Heineken NV планираат да стапат во прв штрајк по 25 години, откако истече рокот за постигнување подобар договор за работа, објави холандскиот синдикат FNV.

Вработените во пиварниците во Ден Бош и Зотервуд и добавувачите на безалкохолни пијалоци треба да започнат со штрајк во петок, соопшти синдикатот, кој повика на зголемување на платите повисоко од планираните 1,5 отсто оваа година и два отсто следната година, пишува Блумберг.

Претставник на синдикатот на прехранбената индустрија FNV изјави дека најавеното зголемување на платите е прениско и дека сè уште е под нивото на инфлација. Синдикатот оцени дека е „срамота“ што Heineken не одговорил на нивните повици за измени на колективниот договор, со кој се засегнати 1.250 работници во снабдување.

Heineken тврди дека на своите вработени им плаќа 14 отсто повеќе од другите во истата професија во Холандија, наведувајќи дека нејзината конечна понуда за колективно зголемување на платата од 3,5 отсто за две години може да се зголеми на околу 6,5 отсто.

„Ова се предизвикувачки времиња и Heineken е исклучително тешко погоден од пандемијата“, велат од пиварницата. Холандската туристичка индустрија е во длабока криза и пиварницата се соочува со „историски високо зголемување на трошоците“, соопшти компанијата.