
KFC, синџирот ресторани за брза храна, порано познат како Kentucky Fried Chicken, го преместува своето седиште од Кентаки во Тексас, објави мултинационалната корпорација Yum Brands.
Yum Brands објави дека седиштето на KFC ќе биде преместено од Луисвил во Плано, но дека KFC сепак ќе одржува некои операции во Кентаки. Се огласи и гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар. „Разочаран сум од оваа одлука и верувам дека ќе биде и основачот на компанијата“, изјави тој.
Во последниве години, многу компании се преселија во Тексас, привлечени од пониски даноци и деловни услови. Одлуката на Yum Brands е дел од планот да има две седишта за нејзините големи брендови. KFC и Pizza Hut ќе бидат во Плано, додека Taco Bell и Habit Burger & Grill ќе останат во Ирвин, Калифорнија.
Дејвид Гибс, извршен директор на Yum Brands, рече; Овие промени не позиционираат за одржлив раст и ќе ни помогнат подобро да им служиме на нашите клиенти, вработени, франшизи и акционери“.
Сепак, Бешеар не го крие своето незадоволство. „Името на оваа компанија започнува со Кентаки и го промовираше наследството и културата на нашата држава во продажбата на своите производи“, нагласи тој.
Историјата на KFC во Кентаки датира од 1930-тите, кога неговиот основач, полковникот Харланд Сандерс, почна да продава пржено пилешко во Корбин. Денес, лицето на Сандерс е во витрините на повеќе од 24.000 KFC ресторани во над 145 земји и територии низ светот.
Од пандемијата, многу американски компании ги преместија своите централи. Според извештајот на фирмата за услуги за недвижнини CBRE, Остин и другите градови во Тексас биле особено успешни благодарение на деловното опкружување во Тексас.