
По седум години тишина, етно-комплексот „Македонско село“ на падините на Водно повторно ќе ги пречека посетителите. Овој уникатен простор, кој се наоѓа во близина на селото Нерези, од денес ќе биде повторно отворен за јавноста под ново раководство – компанијата „Ла Тераца“.
Новите концесионери беа избрани по транспарентна и легална постапка преку електронско јавно наддавање, спроведено преку системот на Министерството за финансии. Службата за општи и заеднички работи, која го организираше процесот, соопшти дека компанијата „Ла Тераца“ понудила најповолни услови за управување со комплексот.
Комплексот „Македонско село“ претставува уникатен спој на култура, традиција и туризам – составен е од 12 автентични куќи кои ја претставуваат архитектурата и занаетите од различни краеви на Македонија. Во минатото, некои од објектите беа адаптирани како хотелски соби, а дел функционираа како ресторани и работилници за традиционални занаети.
Од Службата изразуваат надеж дека повторното ставање во функција на овој комплекс ќе даде значаен поттик за развојот на туризмот, ќе ја оживее локалната економија, ќе отвори нови работни места и ќе го зајакне туристичкиот капацитет на Скопје. Со ова, се очекува да се привлечат не само домашни, туку и странски посетители, што ќе има позитивно влијание врз целиот регион.