По завршувањето на програмата имав јасна слика како од идеја да се започне бизнис

90
35441917-7554-41bf-9874-2a0d9c9ebb00
Ива Кузмановска, добитник на грант од програмата Моја Идеја! Мој Бизнис!

ЦЕЕД Македонија со целосна финансиска поддршка од Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, од септември 2015 година до февруари оваа година ja спроведе програмата Моја идеја! Мој бизнис! со цел развивање на претприемачките способности на младите луѓе од пелагонискиот регион. Покрај образовни модули кои им помогнаа на учесниците да ги развијат своите знаења, претприемачки вештини, како и вештините за креирање на бизнис планови, пет од нив кои ги презентираа најдобрите и најодржливи бизнис планови, од Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп добија еднократен неповратен грант во износ од 2.000 долари поединечно. Ива Кузмановска со овој грант својата идеја за развивање на нов производ ја спроведе во нов бизнис.

БИ: Од каде идејата да се пријавите за програмата Моја идеја, мој бизнис?

Информацијата за програмата ја добив од моја блиска пријателка, која што всушност ме упати на огласот. Термините за пријавување и започнувањето на програмата дојде во вистинско време што се однесува до мене и подготовките што ги имав започнато за развивање на идеја, што понатаму би израснала во бизнис. Тестирањето на терен на производот веќе беше завршено и потребно беше да се обликува стратегија за започнување на бизнис.

БИ: Што научивте од програмата додека се подготвуваа проектите?

Во текот на програмата работевме на секој сегмент во формирање на бизнис план – детално предвидување на трошоци, развој на производот, анализирање на потенцијалните клиенти и нивно пронаоѓање. Организаторите програмата, ЦЕЕД Македонија и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, преку овие образовни модули за нас обезбедија предавачи и гости со големо искуство и познавање на чекорите, главните фази и клучните чекори, што многу ни помогна во поставување на структура на бизнис планот. По завршувањето на програмата имав јасна слика  како од идеја да се започне бизнис.

FUN_6521-580x387

БИ: Која беше вашата идеја и колку вашата идеја почнавте да ја применувате во средината каде што живеете?

Мојата идеја е производ за којшто размислував долго време и за којшто се инспирирав од сопственото искуство и потреба. Дизајниран е од мене и заштитен во Заводот за интелектуална сопственост. Го нареков Бејби Мултипрактик, а наменет е за новороденчиња и деца. Како што кажува самото име, производот е повеќенаменски, навидум изгледа како обично ќебенце, но се користи на девет различни начини, како навлака за релаксатор, количка, столче за хранење, седиште за во кола, транспортер, марама за доење, ќебенце со капче, подлога за играње и вреќа за спиење. Производот во изминатите 12 месеци беше тестиран од 20 мајки на деца од 0-5 години. Иако производот сè уште не е пуштен во продажба, затоа што во процес е регистрација на фирма и опремување на простор, сепак се надевам дека и тоа ќе биде за брзо и овој пред се корисно и повеќе функционално ќебенце ќе биде достапно за сите мајки, татковци, баби и дедовци.

БИ: Како во иднина ќе го развивате бизнисот?

Во бизнис планот за Бејби мултипрактик постојат повеќе планови за реализација, прво започнуваме со основното, обезбедување пазар, маркетинг и склучување на договори со продажни места или брендови на детска опрема, во земјата и во странство. За понатаму постојат и поголеми планови и сето тоа е поддржано со детално разработена стратегија. Најважно од сè, а програмата и едукативните модули нè научија на тоа, е тоа што имам производот кој е уникатен и потребен на пазарот, успеав да создадам развојна стратегија и благодарение на неповратниот грант од Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и средства да ја спроведам.

БИ: Каква порака ќе им испратите на младите за бизнис идејата да им стане реалност?

Никогаш не треба да престанеме да си го поставуваме прашањето кое често ни го поставуваа додека бевме мали: Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш? Ние растеме од ден во ден, од ситуација до ситуација, затоа треба да се потрудиме да растеме во насока која нас нè исполнува и нè прави среќни, бидејќи тоа е единствениот начин да понудиме одличен производ или услуга.