Почна бесплатната школа за уметничко лизгање на Еуролинк

56

Besplatna shkola za umetnichko lizganje na Eurolink 1

Триесет и пет деца на возраст од 6 до 14 години почнаа да ги изучуваат основните техники на уметничкото лизгање во рамките на бесплатната школа што ја организира компанијата Еуролинк осигурување.

Школата се организира втора година по ред на лизгалиштето во спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје. Часовите ги раководи професионалниот тренер по уметничко лизгање Ксенија Јаштшењски – Симиќ, која на вчерашниот прв час на децата им помогна да ги совладаат првите задачи и техники.

“Секое дете е индивидуа и како такво го третираме во процесот на тренинзите. Неговиот натамошен напредок и развој во овој спорт зависи од талентот што го поседува, желбата, упорноста и трудот што ќе вложи во часовите. Многу сум задоволна од залагањето и желбата што дечињата ја покажаа на првиот час и искрено се надевам дека токму меѓу овие деца во школата на Еуролинк ќе откриеме нов талент за уметничко лизгање“, истакна Јаштшењски -Симиќ.

Часовите се одржуваат двапати неделно во траење од еден месец. Школата ќе се заокружи со завршна приредба, на којашто децата ќе настапат со сопствена кореографија. Сите учесници што успешно ќе ја завршат школата ќе добијат сертификати што ќе им бидат доделени на завршната приредба.

Целта на зимската школа за уметничко лизгање е да им овозможи на најмладите во текот на зимскиот период активно да спортуваат и да го поминуваат слободното време на креативен и корисен начин.

Еуролинк осигурување на избраните учесници им обезбеди бесплатни термини за уметничко лизгање во траење од еден месец, брендирана опрема и лизгалки. Проектот е организиран во рамките на корпоративната платформа за општествена одговорност Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности, чија цел е поддржување и афирмирање на македонската култура, уметност и образование.