Почнаа разговорите Србија – ММФ

18

mmfПретставници на српската влада и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска со пленарен состанок во Народната банка Србија (НБС) почнаа со разговори. Мисијата на ММФ доаѓа на барање на српските власти. Во текот на посетата, која ќе трае до 7 октомври, ќе бидат разгледани најновите макроекономски движења, програмата на реформи, како и активностите за подготовка на буџетот за 2014 година и долгорочните фискални стратегии.

Ќе се разговара за монетарната политика, буџетот, движењето на јавниот долг, структурните реформи и реформите во пензискиот систем и пазарот на труд, пишуваат српските медиуми.

Делегацијата на Србија ја предводат гувернерката на НБС Јоргованка Табаковиќ и министерот за финансии Лазар Крстиќ, а мисијата на ММФ Зузана Мургасова.

Претходно министерот Крстиќ изјави дека доаѓањето на мисијата на ММФ во Белград е дел од подготовките за буџетот за 2014 година и долгорочната фискална стратегија до 2016 година.