На техничките факултети во Карпош II денес официјално започнува Job Fair – саем за вработување и кариера. Од денес, па се до среда (24 април), студентите ќе имаат можност да им пристапат на компаниите учеснички кои ќе се презентираат на штандовите поставени во просториите на техничките факултети во Карпош II. Тие ќе бидат во можност директно да им се обратат на претставници на компаниите, да се консултираат, како и да побараат одговор на голем број прашања. Студентите ќе имаат можност да присуствуваат и на предавања, презентации и обуки на различни теми. Денес ќе се опфатат темите: “Како до сопствен бизнис”, “Обука за пишување професионално CV” и “Како до поголема вработливост на инженерите (студентите) во Р.М.”.
Job Fair е проект во целосна организација на БЕСТ Скопје и истиот им нуди одлична шанса за вработување, пракси и соработка на студентите и компаниите во Македонија. На саемот за вработување и кариера и оваа година ќе се претстават успешни компании од целата држава, а целта на овој настан е доближување на компаниите до студентите и дипломците преку директен контакт на работодавците со нивните идни вработени.
Компаниите се видно заинтересирани за соработка со студентите и пронаоѓање на нивниот посакуван работен кадар. Доколку студентите сакаат да пронајдат квалитетна пракса или пак да го добијат своето посакувано работно место, потребно е да го остават своето CV на веб страната www.jobfair.org.mk. Кратките биографии автоматски стануваат дел од датабазата до која имаат пристап компаниите учеснички.
Официјалното отворање на саемот за вработување и кариера е вечерва во Бизнис салата на Скопски Саем со почеток во 20:00 часот.
За повеќе информации – www.jobfair.org.mk