Од денес на Скопски саем започнува Меѓународниот саем за мебел, и ќе трае се до 31 март. Оваа година ќе се претстават 160 изложувачи од земјава и странство, а се очекува и зголемен број посетители.
Саемот ќе се одвива во седум саемски хали. Фактот што од година во година расте бројот на домашни производители на мебел покажува дека има подем во оваа индустриска гранка. Учесници на Саемот ќе има од Македонија, Италија, Бугарија, Грција, Германија, Србија, Хрватска, Словенија, Косово, Австрија и Чешка, а компаниите од Турција ќе имаат заеднички настап.
Посетителите ќе имаат можност да погледнат најнови трендови во производството на мебел за дом, за кујни, бањи, спални, детски соби, канцеларии, мебел за јавни објекти, за индустрија и слично.
Минатата година оваа саемска манифестација ја посетиле над 50.000 посетители. Како изминатите години така и оваа година ќе биде доделена наградата за производителите и трговците, а предвидена е и наградна игра за посетителите.
Во рамки на Мебел 2013 во Управната зграда на Скопски саем ќе биде отворена изложба на антиквитетен мебел и уметнички слики организирана од Асоцијацијата за култура ИКОН.
Скопски саем обезбеди и изложбен простор без надомест на СОС Детско село на кој штитениците ќе имаат своја промоција и ќе го презентираат и понудат на посетителите она што го создаваат.