Според неофицијални информации, Microsoft во голема мера се подготвува да започне со развој на нова верзија на оперативниот систем Windows. Германскиот сајт „Deskmodder.de“ тврди дека, според извор од Microsoft, почетокот на развојот на новиот ОС е закажан за март оваа година.
Според тој извор, Microsoft веќе формирал тимови за работа на нова верзија на ОС (Windows 12?), но таа нема да се појави наскоро. Причината е што, наместо Windows 11, кој во суштина е „нашминкан“ Windows 10, следниот ОС ќе биде напишан практично „од нула“.
Оваа информација секако треба да се земе со резерва. Доколку е точно она што се тврди на споменатиот сајт, најверојатно наскоро во јавноста ќе се појават некои нови вести за него.
Во секој случај, тешко е да се очекува дека Windows 12 ќе се појави во догледна иднина, со оглед на тоа што Windows 11 беше објавен пред само неколку месеци. Сепак, не очекувавме ниту Windows 11, бидејќи (ако се сеќавате) самиот Microsoft објави дека Windows 10 ќе биде последниот Windows.