ПОФИКС ДОО Тетово го купува Единство АД

146

ПОФИКС ДОО Тетово ќе даде понуда за откуп на акции издадени од Единство АД Тетово, одлучи Комисијата за хартии од вредност (КХВ).

Понудата се однесува на 880.106 обични акции со право на глас и 7.445 приоритетни акции, сите издадени од Единство АД Тетово. ПОФИКС како понудувач се обврзува хартиите од вредност да ги откупи по цена од 145 денари по акција. За таа намена, понудувачот има депонирани средства на сметка на Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје и обезбедено банкарска гаранција, кои се потребни за плаќање на сите акции што се предмет на понудата.

Најмалата количина хартии од вредност со право на глас на кои се однесува понудата за откуп што треба да биде прифатена, за да се смета за успешна е 70% од обичните акции со право на глас, односно 616.075 обични акции. Приоритетните акции не се релевантни за пресметувањето на прагот на успешност.

Рокот за прифаќање на понудата за откуп е 20 дена од денот на првото објавување на извадокот од Проспектот и на понудата за откуп, а акциите треба да се платат во рок од осум дена по приемот на решението на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за успешност на понудата.