Поголеми бенефиции за компаниите што ќе инвестираат надвор од Скопските зони

45

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) воведе нов пристап во поттикнувањето на странските инвестиции кој подразбира не само да се донесат инвестиции со подобар квалитет, туку и инвестиции од кои придобивки ќе имаат сите граѓани преку стимулирање на рамномерен регионален развој, најави директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски.

“Очекувам да имаме повеќе квалитетни компании на повеќе локации освен во главниот град. Компаниите кои ќе решат да инвестираат во Скопје нема веќе да бидат повластени како досега и разликата која треба да ја платат за наем на земјиштето меѓу повластената цена и пазарната ќе им се засметува во пакетот што државата им го нуди како помош. Со тоа компаниите кои ќе се решат да инвестираат во зоните во главниот град ќе добијат многу помалку средства во однос на компаниите кои ќе се решат да инвестираат во сите останати технолошко индустриски развојни зони во државата“, изјави Деспотовски на денешната средба со новинарите.

Нагласи дека овој принцип веќе се применува во разговорите со потенцијалните странски инвеститори и додаде дека целта им е да ги насочат во зоните надвор од главниот град. На оние кои што инсистираат да добијат локација во зоните во главниот град, посочи, им се укажува дека ќе треба да платат поголема закупнина за земјиштето од повластената која во овој момент е иста за сите зони и изнесува шест денари за квадратен метар годишно и е еден вид државна помош заедно со сите останати во пакетот.

“Една од мерките со кои државата привлекува странски инвеститори е субвенционирана цена за наем на државното земјиште која е иста за секоја локација. Резултатите од Студијата за вреднувањето на земјиштето со кое располага Дирекцијата за ТИРЗ во слободните економски зони покажа дека пазарната вредност на земјиштето во зоната во Струга е 100 денари, а во зоната во Скопје 3.500 денари. Тоа значи дека инвеститорите во Струга во моментов плаќаат 30 пати повеќе отколку во Скопје за наем на земјиштето. Сега велиме дека ќе изработиме предлог пазарна цена за наем на земјиште врз основа на пазарната цена на земјиштето и таа цена ќе и ја презентираме на компанијата која сака да инвестира во Скопје, а разликата помеѓу шест денари и пазарната цена за наем на земјиштето по бројот на квадратни метри што се ангажирани ќе влезе во пакетот државна помош што и го даваме на компанијата“, појасни Деспотовски.

Токму целта на студијата, нагласи, е да се воведе паметен пристап за поттикнување на странските инвеститори за нивниот влез во државата, но и да се поттикне рамномерен регионален развој за сите граѓани во државата да видат бенефит од странските инвестиции.

“Земјиштето без разлика на локацијата и на вложувањето во инфраструктурата се вреднува врз основа на приходот што го остваруваат компаниите. При тоа компаниите кои се во зоните во близина на главниот град приходуваат најмногу и тоа доведува вредноста на земјиштето во ТИРЗ Скопје 1 и 2 да биде десет пати повисока отколку просечната вредност на земјиштето во останатите зони“, рече Деспотовски.

Посочи дека нивната политика е повеќе странски инвеститори да инвестираат надвор од главниот град, а параметрите од судијата, како што кажа, покажуваат какви инвеститори треба да видиме во главниот град.

“Веќе имаме одредени параметри по кои можеме да кажеме која компанија може да инвестира во главниот град, да генерира висок приход и да дава големи плати. Сите останати компании ќе треба да се натпреваруваат за останатите зони во земјава. Анализата во студијата покажа без разлика колку, каде и на која локација вложуваме во инфраструктурата на зоната сепак цената на зоната зависи од приходот што го остваруваат компаниите. Не знам зошто досега не се поттикнувани компаниите да инвестираат надвор, како што не знам зошто компаниите се одлучуваат да вложуваат во главниот град, но очигледно е дека користеле дополнителна скриена субвенција – разликата меѓу пазарната цена и регулираната цена за наем на земјиште. Ако е исто за сите секаде нормално е сите да бидат најблиску до автопатот, меѓународниот аеродром и владините институции“, рече Деспотовски.

Нашиот пристап, додаде, сега е поинаков, нема да правиме никаков притисок.

“Има пазарен механизам кој е меѓународно препознаен и само го спроведуваме во практика. Очекувам да имаме ефекти. Студијата ќе ја правиме секоја година и очекувам вредноста на земјиштето и во останатите зони да се покачува заради тоа што и таму треба да донесеме поквалитетни инвеститори“, прецизира Деспотовски.

Државата досега вложила 50 милиони евра во инфраструктурата во зоните, но има приходувано 43 до 44 милиони евра од услугите кои ги дава што покажува дека секое вложување во зоните се исплаќа. Во државата има вкупно 13 економски зони од кои само седум се активни. Анализата од студијата покажа дека има доста неискористен потенцијал во зоните и дури и таму каде има закупено голем процент од парцелите искористеноста во рамките на самите парцели е многу мала и просечно изнесува 31 % иако е дозволено 70 % да биде под покрив. Во слободните економски зони инвеститорите немаат опција да го купат земјиштето се додека земјава не влезе во ЕУ и останува во сопственост на државата како еден од ресурсите со кои се привлекуваат странски инвеститори.