Полски министер: ЕУ земјите треба да имаат можност да го напуштат еврото и да се вратат на националните валути

104

На Европската унија ѝ е потребна реформа што ќе им овозможи на земјите-членки да го напуштат еврото и да се вратат на нивните национални валути, изјави полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау.

„Еднаквоста на земјите-членки бара враќање на еднаквите можности за нивниот развој, што, пак, треба да доведе до реформа на еврозоната. Радикализмот на таа реформа не смее априори да отфрли никакви решенија, како на пример, привремено или трајно враќање на една од земјите-членки на еврозоната на националната валута“, вели Рау во интервју за весникот Жечпосполита.

Шефот на полската владејачка партија Право и правда, Јарослав Качински, претходно изјави дека транзицијата кон еврото ќе доведе до радикално осиромашување на полските граѓани, пренесе Танјуг.

Полска влезе во Унијата во 2004 година, но не го усвои еврото како валута.

Иако Договорот за пристап бара од сите нови членки на ЕУ да се приклучат на еврозоната, земјите имаат право да го одложат усвојувањето на единствената валута, што го направи Полска.

Сепак, се очекува дека на крајот ќе ја замени својата валута, злотата, со еврото.

Актуелната влада постојано се изјаснува против влезот во еврозоната во догледна иднина, нагласувајќи ја потребата „Полска да ја задржи својата независност и суверенитет“.