Поради „кошмарот“ со Маск, Твитер веќе потроши 33 милиони долари

49

Битката на Твитер со Елон Маск веќе скапо го чини гигантот кај социјалните мрежи.

Во април, Маск се согласи да го купи Твитер за 44 милијарди долари, но на 8 јули објави дека сака да се повлече од договорот.

Твитер во својот извештај за заработката за вториот квартал во петокот објави дека веќе направил 33 милиони долари трошоци поврзани со „чекањето“ од страна на Маск.

Твитер, исто така, делумно за падот на приходите од 1 отсто ја обвини „неизвесноста предизвикана од турбулентното купување на Маск“, пишува Business Insider.

Трошоците на Твитер ќе продолжат да растат додека се движи во правна битка со Маск. Компанијата ја ангажираше врвната корпоративна адвокатска фирма Vachtell, Lipton, Rosen & Katz LLP за да и помогне да го тужи Маск со цел да го принудат да го испочитува неговиот првичен договор и да ја купи компанијата.

Маск тврди дека Твитер му дал лажен впечаток за бројот на лажни сметки на неговата платформа. Во своите регулаторни документи, Твитер вели дека околу 5 отсто од сметките се лажни, но адвокатите на Маск велат дека анализата на неговите луѓе покажува дека таа бројка е „многу поголема од 5 отсто“.

Адвокатите на Твитер рекоа дека загриженоста на Маск за лажните сметки е димна завеса и дека тој сака да излезе од договорот само затоа што неговите акции на Тесла паднале.

Твитер извојува рана победа во својата тужба против Маск, откако му беше одобрено брзо судење за да го минимизира „деловниот ризик“ што го претставува за компанијата.

Дури и ако првичната пресуда дојде брзо во корист на Твитер, Маск би можел да ја обжали одлуката и случајот да се одолговлекува до три години, изјави за „Инсајдер“ Хари Кремер, професор по менаџмент и стратегија на „Келог“ школата за менаџмент на Универзитетот Нортвестерн.

„Големите, големите победници во ова ќе бидат адвокатските канцеларии“, рече Кремер, додавајќи: „Овие момци ќе заработат богатство“.