Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во април 2019 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.8, а индексот на цените на мало 101.2.
Пораст на индексот на трошоците на животот во април 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 5,1 %, свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 2,3 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,8 %, лебот и житата, другите пекарски производи за 0,5 %, алкохолните пијалаци за 0,3 % и маслото и маснотиите за 0,2 %.
Во април 2019 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 23,5 %, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 5,1 %, гасот за домаќинствата за 2,6 %, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 2,1 %, течните горива за домаќинствата за 1,5 %, обувките, туристичките пакет-аранжмани за 1,7 %, малите електрични апарати за домаќинствата, средствата за чистење и одржување на станот за 0,8 %, автомобилите за 0,6 %, големите електрични апарати за домаќинствата, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за 0,4 %, велосипедите, резервните делови и опремата за сопствен превоз за 0,3 % и текстилот за домаќинствата за 0,2%.
Намалување на индексите на трошоците на животот во април 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај другите прехранбени производи за 0,9 %, сувото овошје и јаткастите производи за 0,5 %, другите преработки од месо, рибата и морските плодови за 0,4 % и млекото за 0,2 %.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај книгите за 1 %, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа за 0,8 %, теписите и другите покривки за под за 0,6 %, информатичката опрема за 0,5 %, одржувањето и поправката на сопствени сообраќајни средства, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,4 %, другите медицински производи за 0,3 %, градините, растенијата и цвеќињата, другите лични предмети за 0,2 %.
Индексот на трошоците на животот во април 2019 година, во споредба со април 2018 година, бележи пораст од 1,9 %, а индексот на цените на мало бележи пораст од 1,3 %.