Porsche отвора фабрика во Малезија

56

Германскиот производител на спортски автомобили Porsche, објави дека ја избрала Малезија за локацијата на својата прва фабрика надвор од Европа, најавувајќи го почетокот на производството следната година.

Култниот производител на автомобили со голема брзина објави дека фабриката ќе биде „одговорна за конечното склопување на одредени модели наменети за локалниот пазар од 2022 година наваму“ и дека „ќе работи паралелно со веќе воспоставената мрежа на производствени капацитети на Porsche во Европа“.

Автомобилите ќе ги гради конгломератот „Sime Darby“, кој во 1982 година започна да „склопува“ автомобили во Малезија за BMW и Land Rover, а потоа и за компании како Mazda и Hyundai.

„Sime Darby“ е партнер на Porsche повеќе од 10 години и негов локален дистрибутер.

„Задоволни сме да ја прошириме нашата соработка со Porsche од малопродажба и дистрибуција до „склопување““, рече извршниот директор на „Sime Darby“, Џефри Салим Дејвидсон.

„Секое Porsche што „Sime Darby“ ќе го склопи, ќе мора да ги исполни истите строги стандарди и да помине низ истите процеси како и европските автомобили“, додаде Дејвидсон.

Porsche очекува новата фабрика да ја зајакне нивната позиција „на пазарите во развој во Југоисточна Азија“.

Малезија е трета земја во Југоисточна Азија според БДП по глава на жител и е центар на производство на автомобили, електроника и медицински производи со децении, потсетува агенцијата ДПА.

Porsche, исто така, објави нов погон за истражување и развој во Шангај во понеделникот.