Порше излегува на берза, познат е можниот главен инвеститор

63

Германскиот производител на автомобили Фолксваген објави дека планира на берзата да го стави брендот на спортски автомобили Порше и покрај превирањата на берзите поради високата инфлација и енергетската војна меѓу Русија и Европа.
Инвеститорите очекуваат пазарната вредност на Порше да биде проценета на 60 до 85 милијарди евра.

Иницијалната јавна понуда (IPO) на акциите на Porsche би можела да биде меѓу најголемите во германската историја и најголемата во Европа од 1999 година, според највисоките проценки на Refinitiv.

Катар треба да биде главен инвеститор и има намера да се обврзе да купи 4,99 отсто од акциите во компанијата.

Планот е и да се понудат приоритетни акции на малите инвеститори во неколку европски земји, меѓу кои Франција, Шпанија и Италија, со цел да се искористи базата на верни фанови на Порше, пренесува Poslovni.hr.

Volkswagen, исто така, одобри продажба на 25 отсто од Porsche AG на Porsche SE, што значи дека семејствата Porsche и Piech ќе обезбедат контролен малцински удел во компанијата.

Извори блиски до преговорите рекоа и дека Фолксваген може да им даде на потенцијалните купувачи повеќе од планираните четири недели да изразат интерес за купување на акциите на Порше, но и дека може да се откаже од ИПО доколку инвеститорите не покажат доволно ентузијазам.