Порше: Силен раст на профитот во првите девет месеци од 2022 година

83

Германскиот производител на спортски автомобили Порше во петокот објави силен раст на оперативната добивка и приходите во првите девет месеци од годината, наведувајќи ги повисоките приходи по возило и поволното влијание на девизните курсеви.
Во периодот од јануари до септември, оперативната добивка на групацијата скокна за 40,6 отсто, на 5,05 милијарди евра.

Оперативната маржа е зголемена за 3,4 поени во истиот период лани, на 18,9 отсто.

Приходите пораснале за 15,7 отсто на 26,74 милијарди евра, се наведува во привремениот извештај што Фолксваген го претстави во седиштето во Волфсбург.

Скокот на приходите главно е поттикнат од значително повисоките приходи по возило, поволните девизни курсеви и повисокиот обем на продажба на ниво на групација, се посочува во соопштението за печатот.

Порше до крајот на третиот квартал испорача 221.512 возила, два отсто повеќе отколку во истиот период минатата година.

Во соопштението, Porsche, исто така, ги потврди своите прогнози за оваа година, и покрај значителните глобални предизвици предизвикани од нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и достапноста на делови.