
Украина ги прифатила условите од договорот за ретки минерали со САД.
„Постигнавме договор со бројни добри амандмани и ова го гледаме како позитивен исход“, изјави висок украински функционер.
Американските медиуми објавија дека Вашингтон се откажал од првичното барање да добие ретки минерали во вредност од 500 милијарди долари, но исто така не ѝ дал цврсти безбедносни гаранции на Украина, што беше нејзино клучно барање.
Доналд Трамп очекува Володимир Зеленски да дојде во Вашингтон оваа недела за да го потпише договорот, што следува откако двајцата лидери разменија жестоки зборови во изминатиот период. Без да потврди дека договорот е постигнат, Трамп кажа дека Украина во замена ќе го добие правото да се бори.
„Тие беа многу храбри, но без американските пари и воена опрема, оваа војна ќе завршеше за многу кратко време“, кажа Трамп.
Запрашан дали САД ќе продолжат да ја снабдуваат Украина со опрема и муниција, Трамп одговори:
„Можеби додека не постигнеме договор со Русија. Ни треба договор, инаку војната ќе продолжи. Ќе има потреба од некакви мировни сили откако ќе се постигне договор, но тоа мора да биде прифатливо за сите“.
Пред само една недела, Трамп го нарече Зеленски диктатор и ја обвини Украина за почеток на војната со Русија. Зеленски тогаш одби да го потпише нацрт-договорот за ретки минерали, велејќи дека не нуди никакви безбедносни гаранции за Украина. Трамп вчера кажа дека САД ѝ дале на Украина меѓу 300 и 350 милијарди долари и дека сака да им ги врати овие пари на американските даночни обврзници.
Според украински извори, САД морале да отстапат од некои свои потешки барања и многу детали од овој договор ќе бараат дополнителни преговори.
Се проценува дека 5% од светските резерви на критичните сурови материјали се наоѓаат во Украина, што вклучува 19 милиони тони резерви на графит и една третина од европските резерви на литиум.