Унгарија „добива море“, плати 31 милион евра за да гради пристаниште во Трст

Почна изградбата на унгарско пристаниште на Јадранското Море, во Трст, што пред неколку дена го најави Левенте Маџар, државен секретар на унгарското Министерство за надворешни работи и трговија, пишува Hungary Today.

Изградбата на унгарското пристаниште, кое треба да биде целосно оперативно до 2028 година и служи за извоз на товар, започна со изградба на голем дел од морскиот ѕид и полнење на 50.000 кубни метри земја во северна Италија, рече Маџар на градилиштето.

Во првата фаза ќе се изгради крајбрежен појас во должина од 250 метри, кој потоа ќе се прошири за околу 400 метри, со што Унгарија ќе добие вкупно 650 метри крајбрежје на Јадранското Море.

Дополнително, на располагање е и површина од 30 хектари, каде што ќе биде изграден голем логистички центар, вклучувајќи објекти потребни за поморски операции, објави Hungary Today.

Унгарија плати 31 милион евра за областа како дел од 60-годишниот договор за концесија.

Унгарската влада му ја довери задачата за развој на унгарското поморско пристаниште на Адриа Порт Зрт, трговска компанија во целосна сопственост на унгарската држава.

Фото: Pixabay