Потврдена потребата од ефикасен систем за осигурување од природни катастрофи и временски непогоди

53

FOTO_Vtora regionalna konferencija za osiguruvanje na Evropa Re

Катастрофалните поплави кои годинава ги погодија земјите од регионот и предизвикаа огромни штети, уште еднаш ја потврдија потребата од постоење на функционален систем за осигурување од природни катастрофи и временски непогоди, како единствен ефикасен одговор на предизвиците што ги носи природата и климатските промени. Ова е еден од главните заклучоци на втората регионална конференција за осигурување “Нова генерација решенија во областа на осигурувањето“, која вчера се одржа во Белград, Република Србија, во организација на Европа Ре – специјализирана компанија за реосигурување од природни катастрофи.

За изложеноста на ризиците од природни катастрофи и климатски промени, како и за последиците што тие можат да ги имаат врз имотот на луѓето, инфраструктурата, бизнис секторот и земјоделството, дискутираа претставниците на официјалните државни институции и на приватниот сектор на Македонија, Србија и Албанија, како и од Светската Банка, Европската Унија, Обединетите нации, Швајцарскиот секретаријат за економски прашања и Глобалната мрежа за животна средина – кои како глобални организации силно го подржуваат воспоставувањето на новaта пазарна инфраструктура за осигурување од ризици од природни катастрофи и временски непогоди која веќе почна да функционира во трите земји – Македонија, Србија и Албанија, а е подржана од компанијата Европа Ре.

Во рамки на конференцијата, учествуваа и официјални претставници на институциите од Македонија.  Државната советничка во Министерството за финансии на Македонија, Виолета Стојановска Петровска говореше за ризиците од природни катастрофи, како што се поплави и земјотреси, на кои е изложена нашата земја, како и за ефектите од климатски промени врз македонската економија, а Претседателот на советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето – Климе Попски се осврна на придобивките што ги очекува земјата од функционирањето на Европа Ре програмата, која на македонскиот пазар веќе ја претстави новата полиса за осигурување од земјотрес, како и новото иновативно индексирано осигурување во земјоделството.

“Нашата главна цел е да им помогнеме на граѓаните, на малите и средни претпријатија, на земјоделците и на земјите да обезбедат долгорочна финансиска стабилност и гаранција за својот имот, својот бизнис и својата иднина од реалните ризици од природни непогоди, кои можат да се случат секаде, во секој момент и можат да го погодат секого“, нагласи во своето обраќање пред присутните на конференцијата,  Хајнц Фоленвајдер, главен извршен директор на Европа Ре, потенцирајќи дека основна задача на Европа Ре е да им помогне на земјите од регионот во градењето и функционирањето на долгорочно одржлив систем за реосигурување од природни катастрофи.

Инаку, Европа Ре е уникатен и пред сѐ функционален модел на партнерство меѓу државите од регионот, глобалните институции и приватниот сектор. Нејзини основачи и главни акционери се Владите на Македонија, Србија и Албанија. Компанијата е со седиште во Швајцарија и функционира според најстрогите швајцарски стандарди во осигурителниот бизнис.