Повеќе од половина од електричната енергија во ЕУ се произведува од обновливи извори

Обновливите извори на енергија учествуваа со 54,1 проценти во производството на електрична енергија во Европската Унија во вториот квартал од оваа година, што е мало намалување во споредба со 54,3 проценти од истиот период во 2025 година, објави  Евростат.

Службата за статистика на ЕУ наведува дека сончевата енергија имала најголем удел во производството на електрична енергија од обновливи извори, со 41,6 проценти, што е зголемување во споредба со 37 проценти во вториот квартал од минатата година.

Енергијата на ветерот учествуваше со 27,7 проценти, хидроенергијата со 22,6 проценти, додека обновливите горива учествуваа со 7,7 проценти, а геотермалните и другите извори 0,4 проценти.

Најголем удел на електрична енергија произведена од обновливи извори е забележан во Латвија (97,7 проценти), главно благодарение на хидроенергијата и сончевата енергија, по што следуваат Данска (94,3 проценти), главно благодарение на енергијата на ветерот, и Хрватска (92,2 проценти), каде што хидроенергијата е доминантна.

Словачка (19,8 проценти), Чешка (20,9 проценти) и Малта (24,5 проценти) имаа најмал удел на обновливи извори во производството на електрична енергија.

Евростат забележа дека горенаведените податоци се однесуваат на учеството на обновливите извори во нето-производството на електрична енергија и не треба да се мешаат со учеството на обновливите извори во бруто-финалната потрошувачка на електрична енергија, што се користи како главен индикатор за следење на целите на Директивата на ЕУ за обновлива енергија.