Повторно задоцнивте?!

34

Фото: Pixabay

Се верува дека од оној момент кога почнало да се мери времето, се појавила и лошата навика на луѓето да доцнат. Во минатото важело правилото дека луѓето кои уживале висок статус во општеството, доаѓале последни за да го привлечат вниманието на себе.

Но, доколку задоцните на важен состанок може да оставите впечаток дека не ги почитувате луѓето со кои треба да се сретнете. Понекогаш доцнењето се препишува на луѓе кои се неодговорни и неорганизирани, но постојат и исклучоци кога поради одредена причина не може да се појавите на договореното место во точно време.

Доколку постојано имате проблем со доцнењето, овие неколку совети би можеле да ви помогнат:

Започнете порано со подготовки – ако припаѓате на групата луѓе кои се бавни во подготовките и поради тоа “кубурат“ со време, најдобро би било да започнете да се спремате малку порано од вообичаено. Имајте ги при рака неопходните работи без кои не излегувате (мобилен телефон, клуч, бизнис картички, паричник, чанта…) за да не “талкате“ по домот или канцеларијата.

Поставете вистински приоритети – многу често им се случува на луѓето кои доцнат, да им го одвлече вниманието некоја споредна работа. Затоа, пред да заминете на работа, состанок, одмор, средба… не дозволувајте да ве дефокусира нешто. На пример, не ја читајте омилената книга, не гледајте телевизија, не проверувајте електронска пошта. Овие активности, иако ви се омилени и ги правите често, пред излегување одбегнувајте ги бидејќи може да загубите драгоцено време.

Променете одредени животни навики – ако имате навика да легнувате доцна, нормално е алармот наутро да ви биде најголемиот непријател. Затоа, обидете се да го промените начинот на живот за да не си дозволувате да доцните. Ако не можете да се организирате, применете некои техники за смирување и самоконтрола што ќе ви помогнат полесно да се справите со хаосот поради којшто најчесто доцните.

Наместете го часовникот барем пет минути порано – штом го погледнете ќе почнете да брзате, па ќе го надмудрите мозокот да забрза со “подготовка“.