Технологијата секој ден бележи се поголем напредок, а луѓето се сведоци на таквата револуција. Досега ИТ технологијата ги поврзуваше луѓето од целиот свет да можат да комуницираат, да испраќаат пораки, музика, слики и видео записи, без оглед на далечината на која се наоѓаат.
До овој момент беше невозможно да го пренесат мирисот од омиленото јадење преку мобилниот телефон. Благодарение на новиот уред наречен oPhone DUO, сега и тоа е возможно. Со овој револуционерен уред мирисите на шампањското и на чоколадото беа испратени преку мобилен телефон од Париз до Њујорк, пренесува порталот cnet.
Идејата за испраќање мирис преку порака е на францускиот старт – ап Vapor Communications. oPhone содржи мали тонери oChips, кои се слични на тонерите за боја, но овие имаат за цел да емитуваат најразлични мириси.
За да испратите миризлива порака потребно е да ја користите апликацијата за iPhone која се нарекува oSnap, потоа да ја сликата омилената храна, да изберете мирис од палетата на oSnap од над 300.000 мириси и потоа да ја споделите сликата и пораката со вашите пријатели на oNote преку вашиот мејл, Facebook или Twitter. За да можат вашите пријатели да се уверат во мирисот на храната што ја фотографирате, ќе мора да имаат oPhone DUO.
Зад овој изум стои професорот по производно инженерство на Харвард, Дејвид Едвард, и неговата поранешна студентка Рејчел Филд.
Овој револуцинерен уред во предпродажба може да се купи по цена од 149 долари.