Права и обврски при располагање на удел во ДОО/ДООЕЛ

3832

Фото: Pixabay

Продадовте или купивте удел во друштво со ограничена одговорност (понатаму: ДОО) / друштво со ограничена одговорност од едно лице (понатаму: ДООЕЛ)?

Подаривте или добивте на подарок удел во ДОО/ДООЕЛ?

Наследивте или судски остваривте право на удел во ДОО/ДООЕЛ?

Кои се Вашите права и обврски по склучување на правно дело (договор) за купопродажба на удел,  за подарок без/со надоместок на удел, по завршување на постапка за законско или тестаментално наследување на удел , по правосилно завршување на судска постапка за удел во ДОО/ДООЕЛ?

Вие имате право и обврска да го пријавите располагањето на уделот.

Што е удел во друштво ДОО/ДООЕЛ?

Удел во друштвото е севкупност на права и обврски коишто содружникот ги стекнува врз основа на внесување влог (права, ствари, пари, и / или заем, односно дополнителна доплата, коишто согласно со одредбите од Законот за трговски друштва се трансформираат во влог) во основната главнина во ДОО/ДООЕЛ.

На кој начин може да се располага со удел на друштво ДОО/ДООЕЛ?

Содружниците располагаат со уделите под условите утврдени во изјавата односно договорот за друштвото. Уделот на содружникот може да се пренесе: со договорот за пренос на удел, со наследување, односно со прибавување со стекнување на некој имот како целина и со заложување.

Пренос на удел со договор(правно дело)?

Договорот за пренос на удел е двострана правна работа, која подразбира изјава на волја на двете страни, условно наречени: отстапувач на удел (содружник) и преземач на удел (правно или физичко лице коешто го стекнува уделот). Договорот за пренос на удел може да биде со или без надомест (чест случај) на неговата пазарна вредност во моментот на пренесувањето.

Пренос на удел со наследување и прибавување со стекнување на имот во целина?

Со оглед дека сопственик на удел може да биде како физичко така и правно лице, за наследување како основ за пренос на удел може да стане збор само доколку е во прашање содружник физичко лице. Со смртта на содружникот, уделот преминува на неговите наследници. Наследувањето е уредено Законот за наследувањето.

Уделот на правното лице – содружник кое престанува, се пренесува со прибавување со стекнување на некој имот како целина. Правното лице како содружник престанува во постапките на статусни промени при соединување, спојување и поделба, како и во стечај и ликвидација.

Пренос на удел со заложување?

Заложувањето на удел може да се врши со договор за залог склучен помеѓу залогодавач (содружник кој го заложува уделот – заложен должник) и залогопримачот (содружник кој зема залог-заложен доверител).

Преминување на правата и обврските од содружникот врз лицето коешто го стекнало уделот?

Сите права и обврски што отстапувачот на удел ги има во Друштвото како содружник ги пренесува на преземачот. Со преносот на удел се случува само персонална промена на носителот на уделот по пат на определен облигационо – правен однос (договор за продажба, договор за подарок и друга форма на пренос) кој не влијае врз положбата на друштвото.

Кои се Вашите обврски по склучување на правно дело (договор) за купопродажба на удел, за подарок без/со надоместок на удел, по завршување на постапка за законско или тестаментално наследување на удел , по правосилно завршување на судска постапка за удел во ДОО/ДООЕЛ?

При пренос на уделот, преземачот на уделот има обврска да го пријави уделот до надлежната општината / Градот Скопје, односно до надлежна институција (Управа за јавни приходи), од причина договор за пренос може да се оданочи или со персонален данок на доход согласно одредбите од член 55-а од Законот за персонален данок на доход (ЗПДД) или со данок на наследство и подарок согласно одредбите од член 10 до член 18 од Законот за даноците на имотот.

Оданочување со персонален данок на доход?

Пренесениот удел без надомест, односно подарениот удел ќе се оданочи со персонален данок на доход како друг приход само доколку истиот не е претходно оданочен со данок на наследство и подарок.  

Обврзник на данок на доход за другите приходи е физичкото лице кое се стекнува со хартии од вредност и учество во капиталот, а основа за пресметување на данокот претставува пазарната вредност на денот на стекнувањето.

Согласно член 71 ст.1 т.3 од ЗПДД, обврзникот е должен за извршениот пренос на удел до органот за јавни приходи -УЈП да поднесе  пресметкa на аконтација на данок и докази најдоцна до десеттиот ден во месецот кој следи по кој е извршена продажбата  на уделот.

Оданочување со данок на наследство и подарок?

Пренесениот удел може да оданочи согласно Законот за даноците на имот, односно согласно Законот данок на наследство и подарок се плаќа и на готови пари, парично побарување, хартии од вредност и друг подвижен имот, ако пазарната вредност на наследството, односно договорот за подарок е повисока од износот на едногодишната просечна плата во РМ во претходната годинаспоред податоците на Државниот завод за статистика.

Даночна основа во однос на подарокот (пренесениот удел) настанува со денот на склучувањето на договорот за подарок, а обврзник кој не е во сродство со оставителот, данокот се пресметува постапка од 4% до 5%. Во Законот за даноците на имот се предвидени и даночни ослободувања, меѓу кои и дека наследниците, односно примателите на подарок од прв наследен ред се ослободени од обврската за плаќање данок на наследство и подарок.

Обврзникот до надлежната општина односно Градот Скопје ја доставува потребната документација.

Која документација е потребна да се достави во општина односно Градот Скопје?

Даночна пријава и договорите односно документацијата со која е пренесен уделот се дел од документацијата која треба да биде при поднесувањето до општината односно Градот Скопје. Постапката трае 10 работни дена и зависи директно од задолжението за плаќање на данокот.

Што може да случи доколку не се пријави преносот на удел во органот за јавни приходи односно општина или Градот Скопје?

Доколку не се пријави преносот на удел, се предвидени парични прекршочни глоби, кои се различни за правни односно физички лица, детално опишани во делот за прекршочни одредби во Законот за персонален данок на доход и Законот за даноците на имот.

Да заклучиме?

Доколку физичко лице наследило или на подарок примило удел во некое трговско друштво и платило данок на наследство и подарок, за остварениот приход нема обврска да плати персонален данок на доход.

Лицата кои согласно одредбите на Законот за даноците на имот се ослободени од оданочување со данокот на наследство и подарок, како што е случај со наследниците и примателите на подарок кои примиле удел чија вредност е пониска од износот на едногодишната просечна плата во РМ во претходната година, немаат обврска да платат персонален данок на доход.

Секое физичко лице кое примило удел без надомест во трговско друштво треба да ја спроведе следната постапка за оданочување:

До надлежната служба во општината да поднесе барање за даночно ослободување со приложени докази за да го искористи даночното ослободување од данок на имот за пренесениот удел без надомест;

Доколку за пренесениот удел без надомест не е ослободен од оданочувањето со данок на имот, за пренесениот удел без надомест може да одлучи:

  • да поднесе барање до надлежната општина и да плати данок на имот или
  • до УЈП да достави Образец ПДД-АДП/ДП – Аконтативна даночна пријава за остварени други приходи, врз основа на која УЈП ќе донесе Решение да плати персонален данок на други приходи.

Со оваа колумна, авторот, сака да се освежи и освести, познавањето и правата на сите физички и правни лица, со цел да може секој граѓанин да знае кој му се правата и обврските согласно закон.