Право на користење на здравствено осигурување во странство врз товар на ФЗО

431

Осигуреното лице може да оствари болничко лекување во странство. Тоа може слободно да се реализира во случаи кога е во прашање заболување коешто не може да се лекува во земјата, а во земјата во којашто се упатува постои можност за успешно лекување.

Постапка за болничко лекување во странство

Постапката за упатување на лекување во странство се поведува по барање на осигуреното лице преку Образец Л-1. Барањето се поднесува до Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗО), преку подрачната служба во местото, односно во местото каде подносителот на барањето е пријавен во задолжително здравствено осигурување. За малолетните лица и лицата лишени од деловна способност, барањето го поднесува родителот, посвоителот или старателот.

Кон барањето лицето треба да ги приложи следните документи:

  • предлог за упатување на лекување во странство од соодветната клиника
  • медицинска документација за текот на лекувањето
  • потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување
  • здравствена легитимација на увид
  • профактура од странската здравствена установа
  • согласност за прием од странската здравствена установа – решение од Министерство за труд и социјална политика – Центар за социјални работи доколку осигуреното лице има својство на дете со посебни потреби

Предлогот за упатување на лекување во странство го дава конзилиумот. Конзулиумот е составен од најмалку тројца лекари и директорот на соодветната клиника и важи три месеци од денот на издавањето. Првостепената лекарска комисија за лекување во странство при Фондот дава оценка и мислење за потребата од лекување во странство. Осигуреното лице врши уплата во износ од 20% учество од доставената профактура на странската здравствена установа за лекување во странство. Претходно истата таа странска здравствена установа го прифатила лекувањето на македонскиот граѓанин.

Од уплата на учество од 20% во вкупните трошоци се ослободуваат деца со посебни потреби, според прописите за социјална заштита. Својството на дете со посебни потреби осигуреното лице го докажува со решение од надлежниот Центар за социјална работа при Министерството за труд и социјална политика.

Против решението на Фондот, осигуреното лице има право на жалба во рок од 15 дена до Второстепената комисија за уплатување на лекување во странство при  Министерство за здравство.

Фондот врши уплата на средствата за лекување во странство на странската здравствена установа за осигуреното лице кое е упатено со решение од Фондот, по закажан термин на лекување во странската здравствена установа.