Предлог измени на Законот за воздухопловство: Финансиска поддршка за нови авиолинии да трае шест години

Со предложените измени на Законот за воздухопловство, кои вчера добија поддршка во надлежната собраниска комисија по забрзана процедура, се планира да се продолжи периодот за финансиска помош за авиокомпаниите кои ќе воведат нова дестинација од три на шест години.

“Сегашната регулатива предвидува финансиска поддршка во траење од три години за авиопревозниците кои ќе воведат нова дестинација.”

“Со цел да се поттикне развојот на пошироки мрежи на рути и да се поддржи одржлив раст на поврзаноста, се предлага зголемување на периодот на поддршка до шест години,” се наведува во Предлог-законот, предложен од пратениците: Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Драгана Бојковска, Јане Мицевски, Катерина Димитровска и Тони Јаревски.

Според предложеното, во Законот за воздухопловство (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 14/24, 224/24 и 3/25) во членот 49 став (3) зборовите “тригодишна” се заменуваат со “шестгодишна”. Бидејќи не беа поднесени амандмани, Комисијата го препрати Предлог-законот на понатамошна постапка во Собранието.

Примарни цели на Предлог-законот за изменување на Законот за воздухопловство се да се овозможи поголема приспособливост и да се стимулира развојот на воздушната мрежа, што ќе резултира со подобро поврзување, економски напредок и поконкурентни цени.