Предупредување на Возниак: Добивката ќе биде поважна од регулирањето на вештачката интелигенција

90

Ко-основачот на Apple, Стив Возниак предупреди дека вештачката интелигенција може да се злоупотреби за да се отежне откривањето на измами и дезинформации.Возниак смета дека содржината создадена од вештачката интелигенција треба да биде видливо означена и повикува на регулирање на тој сектор.

Тој е еден од 1.800 луѓе кои потпишаа писмо во март – со извршниот директор на Tesla, Илон Маск – во кое се повикува на шестмесечен мораториум на развојот на моќни системи за вештачка интелигенција, тврдејќи дека тие претставуваат сериозни ризици за човештвото. Подоцна се покажа дека дел од потписите на тоа писмо биле фалсификувани, додека дел од потписниците се откажале од поддршката.

Регулаторите нема да можат да направат многу

Возниак не верува дека вештачката интелигенција ќе ги замени луѓето бидејќи нема емоции, но предупреди дека тоа ќе ги направи сајбер-криминалците поубедливи, бидејќи програмите како ChatGPT можат да креираат текст што, како што рече, „звучи толку интелигентно“. Тој смета дека одговорноста за програмите генерирани од вештачката интелигенција е на оние кои ги објавуваат.

Тој побара од регулаторните агенции да ги повикаат на одговорност големите технолошки компании, кои, според него, „чувствуваат дека можат да се извлечат од се што ќе замислат“. Но, тој е скептичен за тоа колку регулаторите всушност ќе можат да направат за да го поправат тоа.

„Силите кои се заинтересирани да заработат обично победуваат, што е некако тажно“, рече Возниак.

Напредокот на технологијата не може да се запре, додаде тој, но можеме да ги едуцираме луѓето како да забележат измами и злонамерни обиди за кражба на лични информации.

Извршниот директор на Apple, Тим Кук, ги предупреди инвеститорите за важноста да се биде „промислено“ во приближувањето кон вештачката интелигенција.

„Ние гледаме на вештачката интелигенција како одлична можност и ќе продолжиме да ја вградуваме во нашите производи на многу намерна основа“, посочи тој.

Џефри Хинтон, чие истражување на невронската мрежа помогна да се постави основата за револуцијата на вештачката интелигенција, исто така изрази стравување дека темпото на напредок може да биде реален ризик за луѓето. Според него, постои можност вештачката интелигенција да ги контролира луѓето или дури и да ги избрише, пишува Гардијан.