Предупредување од ИЕА:На Европа следната година ѝ се заканува сериозен недостиг на гас

76

Европа следната зима би можела да се соочи со сериозен недостиг на гас, предупреди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Ако увозот на руски гас преку гасоводите биде целосно суспендиран, а Кина продолжи со увозот на вообичаените количества течен природен гас, Европа би можела да се соочи со ситуација да не може да обезбеди половина од гасот неопходен за исполнување на складиштата, предупреди ИЕА.

Полнењето на складиштата за гас во ЕУ годинава беше олеснето од низа важни фактори што можеби нема да се повторат наредната година. Тука спаѓаат и испораките руски гас преку гасоводите што беа намалени во текот на годината, но во границите на нормалата во првото полугодие.

Покрај тоа, намалениот увоз на течен гас од страна на Кина во првите десет месеци на тековната година беше клучен за снабдувањето во Европа, со што се компензираше намалувањето на понудата од Русија.

„Со оглед на топлото време и пониските цени на гасот постои опасност од релаксација кога станува збор за снабдување на Европа со гас. Опасноста во никој случај не е помината“, изјави директорот на ИЕА, Фатих Бирол.

„Кога ќе ги погледнеме најновите трендови и веројатните случувања на глобалниот и европскиот пазар на гас, ќе видиме дека Европа ќе се соочи со уште поголем предизвик следната зима“, предупреди тој.

Затоа, според него, владите во Европа мора веднаш да преземат мерки за подобрување на енергетската ефикасност и забрзување на користењето на обновливите извори на енергија, топлинските пумпи, со што би се намалила побарувачката за гас.