Преку активни мерки за вработување ќе работиме на подобрување на пазарот на труд и зголемување на вработеноста, вели Дурмиши

66

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска се обрати на конференцијата „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Република Северна Македонија“ организирана од Меѓународната организација на трудот (МОТ).

„Владата во чиј состав е и Министерството за економија и труд  јас како Министер за економија и труд, во наредниот период ќе се посветиме на тоа да развиеме и имплементираме системски пристап за справување со неусогласеноста на понудата и побарувачката на работна сила на домашниот пазар на труд и надминување на овој сериозен проблем кој ги погодува и далеку поразвиените европски економии“ кажа министерот Дурмиши во своето обраќање.

Според министерот Дурмиши, поседувањето на соодветни знаења и вештини овоможува поголема вработливост и одржливост на вработувањето. Кога лицата ги имаат вистинските знаења и вештини барани на пазарот на трудот, можат да работат на квалитетни и одржливи работни места. Од друга страна во услови на брзо менување на глобалната економија, знаењата и вештините кои се поседуваат во голема мера ја детерминираат конкурентноста, капацитетот за иновации и подготвеноста на компаниите да ги следат технолошките и други промени во работата. Кога работната сила ги има потребните знаења и вештини се поттикнуваат и инвестициите и отворањето на нови работни места. На тој начин ќе се влијае на намалување на вертикалната неусогласеност на вештини која се движи над 25%, и хоризонтална неусогласеност на вештините која е поизразена и надминува 50% во Република Северна Македонија .

„Потребата од квалификувана работна сила на компаниите ќе се потрудиме да ја обезбедиме преку имплементација на активни програми за вработување содржани во  годишните Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување, а кои се однесуваат на различни видови на обуки кои се одвиваат во реални работни услови односно во компаниите. Такви се обуките за конкретен работодавач, обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот, практикантство и сл. На тој начин невработените лица ќе се стекнат со практично работно искуство вештини  кои  се барани на пазарот на трудот и ќе овозможи нивно побрзо вклучување на пазарот на трудот, а од друга страна компаниите ќе имаат на располагање соодветна квалификувани работници“ кажа министерот и додаде дека ќе мораме да обрнеме внимание на современите европски трендови, кои укажуваат на сè поголема преориентација кон зелената и дигиталната економија. И нашата работна сила ќе мора да се обучува и подготвува за иднината, со фокус на зелените технологии, одржливите практики и дигиталните решенија, што ќе претставува основа за економски напредок и конкурентност.

„За таа цел, неопходно е да се инвестира во создавање инклузивен и флексибилен образовен систем кој ќе ги следи овие трендови и ќе овозможи континуирано усовршување на постоечките и идни работници. Паралелно со тоа, ќе продолжиме со поттикнување на соработка меѓу образовните институции и приватниот сектор за развивање програми кои ќе ја реализираат оваа цел“ кажа Дурмиши во своето обраќање.

Министерот истакна дека со ваквиот пристап ќе можеме да создадеме динамичен, модерен и конкурентен пазар на труд, каде понудата и побарувачката се во рамнотежа, а работната сила е подготвена да се соочи со предизвиците на иднината. Ова ќе обезбеди долгорочен економски раст и развој, стабилност на работните места  но и на компаниите.