Премиера за целосно новиот Renault Austral

65

По долгата тизер кампања, Renault и официјално го претстави целосно новиот Austral кој пристигнува како замена за досегашниот Kadjar

Renault Austral конечно пристигна. Првиот модел на француската марка кој е поставен на третата генерација на CMF-CD платформата пристигнува како замена за Kadjar и со себе носи цела низа на новитети. Она што е веднаш впечатливо е целосно различниот дизајн со оглед на тоа дека Austral се одликува со свеж изглед на екстериерот и кабина исполнета со високо-технолошки решенија, што претставува значителен напредок во однос на моделот кој го заменува.

 

Исто така, забележителен новитет кој пристигнува со целосно новиот Austral е и новото спортско ниво на опременост наречено Esprit Alpine кое ќе се најде во понудата на целата гама на Renault. Кога станува збор за димензиите, Austral е долг 4,51 метри, ширината изнесува 1,83, а висината 1,62 метри, додека меѓуоскиното растојание е поставено на 2.670 милиметри. Багажниот капацитет варира помеѓу 500 и 575 литри зависно од тоа дали моделот е со фиксирана или лизгачка задна клупа. Кај хибридната верзија пак, капацитетот паѓа на 430, односно 555 литри.

Без дизел мотори

Моќноста се добива преку турбо 1,2-литарскиот трицилиндричен мотор опремен со блага-хибридна технологија, а оваа поставка Renault ја опишува како одлична алтернатива за дизелот, со оглед на тоа дека препознатливиот dCi агрегат нема да биде дел од понудата. 48-волтната литиум-јонска батерија и стартер-моторот се дел од поставката која испорачува 130 КС и се канализира до тркалата преку шестстепен мануелен менувач. Со овој Mild Hybrid Advanced аранжман, Renault тврди дека потрошувачката изнесува 5,3 литри на 100 километри.

Renault Austral

По него следува Mild Hybrid верзијата со поголем 1,3-литарски четирицилиндричен бензински мотор. Заеднички развиен со Meredes-Benz, овој мотор работи заедно со 12V литиум-јонска батерија, стартер-мотор и шестстепен мануелец или X-Tronic автоматски менувач. Во комбинација со мануелниот менувач моќноста изнесува 140 КС, додека со автоматикот истата се искачува на 160 КС.

На врвот се наоѓа E-Tech Hybrid моделот, а станува збор за фул хибрид кој е базиран на 1,2-литарската единица која секогаш стартува во електричен режим и може да се добие со 160 или 200 КС. Според Renault, оваа варијанта има потрошувачка од 4,6 литри на 100 килограми, а CO2 емисијата е 105 грами по изминат километар, за што француската марка тврди дека е еден од најчистите хибридни кросовери во сегментот.

Пониските верзии добиваат торзиона оска на задниот дел од системот за потпирање, додека поскапите варијанти добиваат мулти-линк, но и управување на задните тркала, односно 4Control Advanced.

Esprit Alpine е врвот на понудата

Ентериерот изобилува со врвни технолошки решенија. Зад управувачот се наоѓа 12,3-инчниот дигитален инструмент кластер, а на средината од контролната табла се наоѓа 12-инчниот вертикално поставен екран на допир, додека во видното поле на возачот се наоѓа и 9,3-инчниот head-up екран. Инфозабавниот систем пристигнува со вграден Google софтвер, а како опција може да се добие и специјалниот Harman/Kardon Hi-Fi аудио систем. Покрај ова, треба да се истакнат Matrix фаровите, 360-степената камера и сите системи за асистенција на возачот кои се неопходни да се стекне Ниво 2 на автономно возење.

Како што веќе напоменавме, со Austral дебитира и новиот трим на Renault наречен Esprit Alpine кој треба да послужи како врв во понудата и со себе носи поспортски изглед. Со ова ниво на опременост, Austral е поставен на 20-инчни тркала со црн алуминиумски изглед и Alpine обележја, додека пониските верзии добиваат 17 до 19-инчни тркала. Esprit Alpine со себе носи и цел асортиман на стилски подобрувања, вклучително и црни акценти и ексклузивна Satin Shale Gray боја на екстериерот. Во внатрешноста, ваквата верзија комбинира Алкантара и Nappa кожа со ткаенина со дијагонални пруги. Тука се и сините конци кои ја освежуваат кабината, заедно со алуминиумските педали и праговите на вратите на кои се наоѓа Alpine логото.

Преземено од Avtoplus.mk  Објавено на (08.03.2022 г)