Приходите на BYD за прв пат надминаа 100 милијарди долари

Кинескиот производител на електрични автомобили BYD минатата година за прв пат оствари продажба вредна повеќе од 100 милијарди долари.

Оваа компанија доминира на домашниот пазар и бележи напредок во проширување на светските пазари.

Само во последниот квартал од минатата година, нето добивката скокна за 73,1 отсто на годишно ниво, на 15 милијарди јуани или 2,1 милијарди долари.

Минатата година вкупниот приход достигна 107 милијарди долари, што е за 29 отсто повеќе од 2023 година, а нето добивката е зголемена за 34 отсто на 40 милијарди јуани или 5,6 милијарди долари.

Надвор од Кина, BYD продаде повеќе од 400.000 автомобили во 2024 година. Производите на BYD сочинуваат околу 16 отсто од сите автомобили извезени од Кина во текот на јануари и февруари оваа година, а компанијата одлучи да гради фабрики во Европа и Јужна Америка. Германија е таргетирана како локација за третата фабрика во Европа.

Во Кина, BYD стана најголем продавач на автомобили со 4,25 милиони единици, престигнувајќи го Volkswagen. Продажбата во странство скокна за 72 отсто на околу една десетина од вкупната продажба на автомобили.

BYD продолжи да објавува поевтини модели, продлабочувајќи ја жестоката двегодишна ценовна војна на најголемиот светски автомобилски пазар.

На почетокот на овој месец, кинеската компанија собра 5,6 милијарди долари со продажба на 129.800 акции, а парите ќе бидат инвестирани во истражување и развој и проширување на странските пазари.

Одличните деловни бројки доаѓаат откако основачот Ванг Чуанфу минатата недела го претстави новиот систем за полнење на батериите што овозможува возилото да се полни за пет минути.

Вредноста на акциите на BYD порасна за 50 отсто оваа година, што е во целосна спротивност со падот на акциите на американскиот конкурент Тесла од 34 отсто. И покрај ова, пазарната капитализација на BYD е помала од една петтина од пазарната капитализација на американскиот ривал.