Прилепскиот тутунски комбинат почна да произведува за Филип Морис

23

filip moris

Прилепскиот тутунаки комбинат го почна производството на цигари за новата фирма Филип Морис-Тутунски комбинат Прилеп. Со ова официјално почна да се реализира договорот за стратегиско партнерство меѓу Комбинатот и светскиот гигант Филип Морис, пишува Миа.

“Новото друштво што беше дел од стратегиското партнерство е формирано, регистрирано, ги доби сите дозволи за производство, увоз, извоз, акцизни дозволи што беше неопходен услов да почне де факто да работи. Цигарите за новото друштво се пуштени во производство. Новото друштво, согласно договорот, не снабди со репроматеријал, суровини, акцизни маркици и тутунски комбинат како контрактуелен производител ги пушти брендовите што се дел од договорот“, вели генералниот директор на Прилепскиот комбинат Александар Дерменџиев.

Првите тони цигари се пуштени на домашниот пазар. На нив ќе стои:  произведено од Филип Морис – Тутунски комбинат Прилеп по лиценца на Тутунски комбинат.

Како што вели Дерменџиев, машините и условите за работа во Фабриката за цигари се адаптирани на стандардите што ги применува Филип Морис.

“Овој период беше изработен заеднички акциски план што е најнеопходно да се извршат преправки, замена на резервни делови, дообука, стандарди за контрола на квалитетот, доопремени сме со нови машини за контрола на квалитетот. Сето е завршено и беше неопходно пред производството кое започна. Тој процес не завршува тука. Купени се низа мерни инструменти за контрола на квалитетот, направена е замена на дел резервни делови за да може машините да го испорачаат потребниот квалитет, преправки во халата за климатизација, саниран е покривот“, појасни Дерменџиев.

Наскоро во прилепската фабрика ќе се произведуваат и брендовите на Филип Морис и најпознатото Marlboro. За комбинатот, и воопшто за Македонија големи се придобивките од стратегиското партнерство со светски познатиот производител на цигари.

“Општо придобивките од стратегиското партнерство ги има многу. Прво, влегување на еден гигант како што е Филип Морис, не само што е значајно за Прилеп и за комбинатот, туку е значајно и за Македонија за привлекување странски инвеститори, праќање позитивна порака за тоа. Ние сме максимално посветени и фокусирани да ги исполниме на најдобар можен начин обврските од договорот, што значи контрактуелно производство, да ги задоволиме критериумите, стандардите, да го испорачаме потребниот квалитет. Во овој период тоа е приоритет за нас“, вели првиот човек на прилепскиот тутунски комбинат Александар Дерменџиев.

Според него комбинатот ги исполни условите што ги бара и доминантниот акционер на фирмата -Владата.

“На годишното собрание од 8 август имавме задолжение од Владата, како мнозински акционер, поради прикажаните загуби на комбинатот во континуитет. Во рокот, 15 септември ние ја доставивме информацијата и таа треба да помине на редовна владина седница. Нормално дека фокусот е кон новото стратегиско партнерство и очекувањата од таа соработка, обврските што се преземени што нуди солидна основа во наредниот период Тутунскиот комбинат да излезе од фирмите таканаречени ’загубари’. Наредните година и половина до две ќе се покажат ефектите од партнерството“, вели Дерменџиев.

Според договорот, Филип Морис ќе купува значителни количества ориенталски тутун што е и сигурност за кооперантите.

“Главно договорот со Филип Морис беше фокусиран во делот на производството на цигари, но од наша страна беше исклучително важно да влезе во договорот и делот со тутунот, бидејќи за комбинатот е тоа многу важно. Успеавме во преговорите да обезбедиме обврска од Филип  Морис во времето на целото траење на договорот Филип Морис од ДООЕЛ Тутун да  откупува директно значителни количества ориенталски тутун. За нас значи сигурен и обезбеден пласман, што само по себе значи доза на сигурност на нашите партнери-кооперанти. Ова ни олеснува, бидејќи имаме сигурен пласман и ќе ни помогне за барање кредити пред банките“, објаснува Дерменџиев.

Според раководството на прилепскиот комбинат се работи и на  план и програма што се однесуваат на бројот на вработените. Комбинатот има над 1.000 вработени.