Проценетата штета од шумските пожари во Лос Анџелес се искачува на повеќе од 135 милијарди долари

Штетата од шумските пожари во Лос Анџелес најверојатно ќе биде најголемата во историјата на САД, со очекувани загуби над 135 милијарди долари.

Според прелиминарната проценка на приватната компанија за прогнозирање Accuweather, штетата се очекува да биде помеѓу 135 и 150 милијарди долари, бидејќи пожарите пустошат област каде што се наоѓаат некои од најскапите недвижности во САД.

Само еден ден претходно, Accuweather ја процени штетата на околу 50 милијарди долари.

Осигурителната индустрија, пишува Би-Би-Си, исто така се подготвува за голем удар, а аналитичарите на компаниите како Морнингстар и ЈП Морган предвидуваат загуби над осум милијарди долари.

Пожарникарите велат дека пожарите досега уништиле повеќе од 10.000 згради, но имајќи предвид дека сè уште се водат напори за нивно локализирање, обемот на загубите може да биде уште поголем.

„Брзото ширење пожари предизвикани од ветерот создадоа една од најскапите шумски катастрофи во модерната историја на САД“, рече главниот метеоролог на AccuWeather, Џонатан Портер.

И откако ситуацијата ќе биде ставена под контрола, додаде тој, пожарите ќе имаат долгорочни последици по здравјето и туризмот.