Продажбата на суперјахти се зголемува на рекордно ниво во 2021 година, намалувајќи ја понудата и зголемувајќи ги цените до врвови од кои веројатно нема да паднат и покрај мрачниот почеток на 2022 година за финансиските пазари, пишува „Блумберг“.
Продадени се вкупно 887 суперјахти, што претставува зголемување од 77 отсто во однос на претходната година и речиси двојно повеќе од 2019 година, според VesselsValue. Не постои точна дефиниција која јахта е „супер“, но најчесто станува збор за подолги и полуксузни пловни објекти.
Основачот на „Amazon“, Џеф Безос, кој има богатство од 174,7 милијарди долари според индексот на милијардери на Блумберг, очекува да му биде испорачана јахта долга 130 метри, која моментално се склопува во Холандија. Стивен Спилберг, исто така, нарачал нова откако ја ставил својата стара на продажба за 158 милиони долари. Продадена е во ноември, но остана нејасно колку.
Во 2021 година, ниските каматни стапки и силниот раст на пазарот го зголемија богатството на 500-те најбогати луѓе во светот за 1 трилион долари. Токму овој раст, како и коронавирусот, ја поттикнаа побарувачката, според VesselsValue. И евтините кредити помагаат и го олеснуваат „купувањето на социјална дистанца“, како што вели еден менаџер.
Зголемените каматни стапки и падот на пазарите веројатно нема да ги намалат цените на јахтите, барем во следните неколку месеци, бидејќи понудата е сериозно ограничена.
Производството на брод од овој тип може да трае со години, а купувачите кои сакаат веднаш да ја добијат својата јахта, набавката ја направиле на секундарниот пазар.