Професионализам или враќање на времето на ‘кога немавме леб купувавме чоколади’? – Хајредини предупредува: Да не се замени Ангеловска-Бежоска со Ставрески

Во пресрет на завршувањето на мандатот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, јавноста со зголемено внимание ги следи најавите за нејзиниот можен наследник. Економскиот аналитичар Џевдет Хајредини, преку објава  на Фејсбук  реагираше на можноста досегашната успешна гувернерка да биде заменета со Зоран Ставрески – поранешен министер за финансии и блискиот соработник на Никола Груевски. Хајредини потсетува на бројни спорни моменти од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се поврзува токму Ставрески, вклучително и огромната јавна потрошувачка за проектот „Скопје 2014“, скандалот со Субрата Рој и сомнителниот договор со кинеската компанија Синохидро.

Би била голема грешка на премиерот Мицкоски, доколку, толку успешната гувернерка на НБМ, Анита Ангеловска Бежоска, ја замени со Зоран Ставрески, кој е познат како десна рака на Груевски и негов кум, прво во улога на министер за финансии, потоа негов заменик.
Тој ќе остане запаметен и како цело тоа време за проектот “Скопје 2014″ се потрошија една милјарда евра, пари на народот и ” кога немавме леб купувавме чоколади”.
Ставрески од Индија во Македонија го донесе злогласниот и контроверзен бизнисмен, Субрата Рој.
Во негово време се склучи и коруптивниот договор со кинеската компанија СИНОХИДРО, од која зедоа близу 30 милјони евра мито.
П.с.
Познат е и по случајот кога беше на власт, поради непозната адреса, поштата не можеше да му ја врачи поканата за да се јави на суд“, стои во објавата на аналитичарот и екс-министер, Џевдет Хајредини на Фејсбук.

Предлогот за нов гувернер на Народната банка утре ќе биде доставен до Собранието, а пратениците ќе гласаат во вторник.

Мандатот на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска истекува наредната недела, по седум години на функцијата. Таа беше првата жена на оваа позиција, избрана на 22 мај 2018 година.