
Групацијата „Катар ервејс“ вчера објави дека нејзиниот профит во претходната фискална година се зголемил за повеќе од 28 отсто на 7,85 милијарди катарски ријали (1,91 милијарди евра), што претставува најдобар финансиски резултат во историјата на компанијата.
„Растот е постигнат благодарение на стратегијата „Катар ервејс 2.0“, која ги комбинира дигитализацијата, стратешките партнерства и инвестициите во човечкиот капитал“, велат од компанијата.
Во рамките на групата, карго секторот на Катар ервејс постигна раст на приходите од 17 проценти и најдобар резултат од периодот на пандемијата, благодарение на брзото прилагодување кон промените на пазарот и потпирањето на напредната анализа на податоци.
„Овие резултати не се само бројки – тие се доказ за посветеноста на повеќе од 55.000 луѓе кои ја сочинуваат Катар ервејс ширум светот. Во срцето на нашата стратегија е развојот на човечкиот потенцијал“, рече извршниот директор на групата, инженер Бадр Мохамед Ал-Мер.
Покрај тоа, во изминатата фискална година, Qatar Airways, меѓу другото, го прошири капацитетот на аеродромот Хамад во Доха на 65 милиони патници годишно, стана првата глобална авиокомпанија која воведе бесплатен интернет Starlink на својата флота Боинг 777 и склучи голем број технички договори како дел од националната визија Катар 2030, според веб-страницата на компанијата.