Проверени тактики за поефикасно комуницирање со клиентите

46

komunikacija

Фото: Pixabay

Добрата комуникација е многу важна особено денес кога постои голема конкуренција и секој се бори да си обезбеди што подобар пласман на пазарот. Веб страната Tech Republic нуди неколку проверени тактики што можат да помогнат.

Не прекинувајте го соговорникот

Внимавајте да не ги прекинувате луѓето кога зборуваат. Не е во ред да не им дозволите да се искажат докрај, само затоа што вам ви се брза да им понудите решение за проблемот. Доколку ситуацијата е таква што наложува да го прекинете клиентот, тогаш прашајте го/ја дали мисли на тоа што и вие мислите. На вака поставеното прашање може да добиете само да или не и да заштедите време.

Внимавајте со техничките термини

Големи се шансите вашиот клиент да има помалку техничко познавање од вас. Затоа, внимавајте како им ги објаснувате работите. Воздржете се од премногу стручни термини или објаснете ги сликовито, со повеќе зборови. Но, немојте ни да ги третирате како да не знаат ништо. Гледајте како реагираат на објаснувањето и ќе забележите кога нема да ве разберат.

Користете позитивни искази/реченици

Клиентите повеќе ги интересираат способностите отколку ограничувањата, односно она што можете да го направите за нив. На пример, наместо да речете “Нема да можам да ви помогнам, ако не го исклучите телефонот”, кажете “Исклучете го телефонот за да ви помогнам”.

Внимателно со употребата на одредени зборови

Понекогаш некои наши зборови по грешка се лошо интерпретирани од страна на соговорникот. Сме сакале да кажеме едно, но клиентот не го разбрал истото онака како што треба. Зборувајте јасно и не користете зборови и фрази што не се пожелни кога сакате да звучите професионално. Едноставно размислете пред да кажете.

Клиентот треба да биде информиран

Добро е клиентот да биде информиран за секоја новост, па дури и ако нема ништо ново јавете им дека работите на проблемот. Исто така, многу е важно да им кажете веднаш штом проблемот ќе биде решен за да не губат време прашувајќи се што се случува. Тоа ќе им даде до знаење дека се грижите за нив и ќе ја добиете нивната доверба.