Првата македонска електронска идентификација OneID, бележи една година постоење

106

Пред точно 1 година, КИБС во партнерство со Некстсенс, ја лансираше првата македонска услуга за електронска идентификација – OneID, изработена и сертифицирана согласно релевантните европски стандарди, како и согласно релевантната национална регулатива. Со тоа OneID стана првиот дигитален производ сертифициран по правилата на ЕУ кој е достапен и за нашите граѓани. OneID отвори ново поглавје во дигитализацијата на процесите за широка палета на услуги за македонските граѓани.

”Денес е голем ден за македонската дигитална сцена. КИБС и Некстсенс, во партнерска соработка, ја обезбедија првата македонска услуга за дигитална идентификација. Значаен е фактот што една ваква комплексна услуга е дело на домашни стручни лица лоцирани во двете компании. Услугата нè позиционира во мал број на држави коишто не се членки на Европската унија, а имаат на располагање услуга од овој вид.

OneID за граѓаните функционира како лична карта што може да се користи онлајн. Тие ќе добијат една дигитална идентификација којашто може да ја користат секаде, без да меморираат различни лозинки, а сепак на безбеден начин да ја добијат услугата. Нивниот идентитет ќе биде утврден со помош на OneID, преку нивниот мобилен телефон. Нема да има потреба од чекање. Ќе можат во секое време, неколкукратно побрзо, целосно онлајн, да иницираат барања и да бидат услужени.“ –  Горан Анастасовски,  генерален директор на КИБС.

„Новото поглавје во дигиталното услужување е отворено. Денес, заедно со КИБС обележуваме една година од лансирањето на првата македонска дигитална идентификација – OneID, сертифицирана и усогласена со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Со OneID покажуваме висок степен на подготвеност на македонското општество за дигитализација, согласно највисоките европски стандарди.

OneID содржи дополнителни механизми за идентификација и заштита на личните податоци, со што се гарантира највисоко ниво на безбедност на услугата. Единствено граѓанинот лично дава одобрување за секој поединечен трансфер на неговите лични податоци преку сопствениот мобилен телефон до мобилните и веб апликации на организациите чиишто услуги ги користи и кадешто е потребно да се идентификува. Убедени сме дека преку соработката со сите наши партнери, кои силно се залагаат да ги имплементираат алатките што овозможуваат дигитална трансформација на процесите, ќе успееме директно до граѓаните и бизнис заедницата да ги доближиме придобивките од технолошкиот развој.“.  – Васко Кроневски, главен извршен директор на Некстсенс.