Раст на азиските берзи: Кина објави царини за увозот од САД

Цените на акциите пораснаа на азиските берзи во вторник, враќајќи дел од вчерашните загуби, бидејќи Вашингтон го одложи воведувањето царини за Канада и Мексико, но Кина најави царини за увоз од САД.

Јапонскиот индекс Никеи во 07:00 часот порасна за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Хонг Конг пораснаа меѓу 1,1 и 1,8 отсто. Во Австралија, пак, тие благо паднаа.

Кинеските берзи се уште се затворени поради прославата на Лунарната Нова Година.

Азиските инвеститори беа охрабрени од веста дека Канада и Мексико постигнале договор со Вашингтон за одложување на воведувањето царини за еден месец.

Така, берзите повратија дел од загубите од вчера, кога беа потресени од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико.

Сепак, утрово во САД стапија на сила царините од 10 отсто за увоз од Кина.

Пекинг веднаш возврати со најава на дополнителни царини од 15 отсто за јаглен и течен природен гас од САД, како и царини од 10 отсто за сурова нафта, земјоделска опрема и одредени автомобили од 10 февруари.

Додека фјучерсите на американските и европските берзански индекси беа во пораст по вчерашните добри вести од Канада и Мексико, тие утрово повторно се во пад бидејќи инвеститорите стравуваат од трговска војна меѓу САД и Кина, слична на онаа од првиот мандат на Трамп.